Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев денеска предупреди дека сите европски мировници во Украина „ќе се вратат во ковчези“.
Оваа закана Медведев ја упати по посетата на американските претставници на Париз, каде европските лидери разговараат за војната во Украина. Русија остро го осуди размислувањето на НАТО сојузниците за испраќање војници во Украина како дел од разговорите за прекин на огнот меѓу Вашингтон и Москва.
Медведев, заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност и близок соработник на Владимир Путин, напиша на социјалната мрежа Х дека западните претставници во Париз разговарале за „колку европски ковчези се подготвени да прифатат“ доколку мировните сили се распоредат во Украина.
ЕУ, НАТО и нивните сојузници ја разгледуваат можноста за испраќање војници во Украина како дел од договорот за прекин на огнот меѓу Вашингтон, Москва и Киев. Предложената „коалиција на подготвените“, предводена од Обединетото Кралство и Франција, ќе вклучи околу 15 земји кои ќе испратат војници како „мировни сили“.
Овие сили нема да влезат во Украина пред да се постигне договор, но Русија јасно стави до знаење дека нема да толерира никакво западно воено присуство на украинска територија.
Западните лидери тврдат дека таквиот потег ќе ја зајакне европската безбедност и ќе ја одврати идната руска агресија. Францускиот претседател Емануел Макрон во март изјави дека на Киев не му е потребна дозвола од Москва за да побара мировни трупи на нејзина територија, истакнувајќи: „Украина е суверена – ако бара сојузници на нејзина територија, тоа не е на Русија да одлучува“.
Висок извор од британската влада за „Тајмс“ во март изјави дека Западот планира да распореди повеќе од 10.000 војници во Украина за да го надгледува евентуалниот прекин на огнот. Британскиот министер за одбрана Џон Хили на 10 април појасни дека овие војници нема да бидат класични мировници, туку ќе пружат директна помош на украинската армија.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Груско во март за рускиот весник „Известија“ изјави дека испраќањето такви војници би било „апсолутно несоодветно и апсурдно“, нагласувајќи дека Русија нема да разликува под чие знаме тие доаѓаат – ЕУ, НАТО или националното – и дека ќе ги смета за страна во конфликтот.
Во исто време, американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, денеска во Париз разговараа со европски политичари и советници за безбедност за можностите за постигнување мир во Украина.