Рускиот претседателски советник Николај Патрушев упати остра закана кон Полска, изјавувајќи дека Варшава би можела да „престане да постои“ за два до три дена доколку дојде до директен воен судир со Русија.
Изјавата на Патрушев, поранешен секретар на рускиот Совет за безбедност и еден од најблиските соработници на Владимир Путин, следува по пораките на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски дека НАТО има значителна воена предност во однос на Русија.
„Она што Сикорски не го сфаќа е дека во случај на воени дејствија против Москва, Варшава би престанала да постои во рок од два до три дена“, изјави Патрушев.
Патрушев оцени дека Сикорски „аматерски“ ја проценува руската воена моќ и тврди дека Русија во војната во Украина не го користи целиот свој воен потенцијал.
Полскиот шеф на дипломатијата претходно изјави дека, доколку Русија нападне земја на НАТО и Алијансата одговори без ограничувања, Москва би можела релативно брзо да биде поразена. Сикорски како една од главните предности ја посочи воздушната моќ на НАТО.
Тој тврдеше дека европските сојузници имаат голема предност во борбената авијација и процени дека, ако Украина успеала за неколку месеци сериозно да го погоди рускиот рафинериски капацитет, НАТО би можел да нанесе многу поголема штета за значително пократок период.
Новата размена на закани доаѓа во време на засилени тензии меѓу Москва и Варшава. Во последните денови руски напади погодија цели во западна Украина во непосредна близина на полската граница, а Полска предупредува дека очекува дополнителни руски провокации и можни удари во близина на граничните премини со Украина.
Полскиот премиер Доналд Туск викендов предупреди дека ескалацијата на руските активности станува реалност и дека инцидентите се случуваат сè поблиску до полската територија.
Реториката меѓу Москва и Варшава во последниот период дополнително се заострува, додека Полска истовремено ги засилува сопствените вооружени сили и останува една од најгласните европски држави во поддршката за Украина.

