Најголем напад на Москва во последните две години

Москва
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, Фото: EPA

Нападот на украински дронови врз Москва што се случи утрово е најголемиот во последните две години, објави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

Собјанин соопшти дека од почетокот на денот се неутрализирани приближно 180 украински дронови кои се приближуваа кон руската престолнина.

Собјанин, исто така, рече дека операциите за воздушна одбрана продолжуваат, пренесува РИА Новости.

Претходниот најголем број, 81 соборен дрон, беше регистриран на 17 мај, објави руската агенција ТАС.

Порано денес, руските власти објавија дека неколку украински дронови ја нападнале московската рафинерија за нафта и дека последиците од тој напад се елиминираат.

Гувернерот на Московскиот регион, Андреј Воробјов, исто така изјави дека избувнал пожар во трговскиот центар „Белаја Дача“ во Котелники, во Московскиот регион, откако паднале фрагменти од дрон.

Тој, исто така, пријавил напад со дрон врз станбена зграда во Жуковски.

Рускиот гувернер, исто така, објави дека една жена е повредена во селото Степаново во близина на градот Електростал, за време на одбивањето на масивен украински воздушен напад врз Московскиот регион.

Руското Министерство за одбрана објави дека системите за противвоздушна одбрана неутрализирале вкупно 555 украински беспилотни летала над неколку региони во текот на ноќта.

Според соопштението, беспилотните летала биле соборени над Астрахан, Белгород, Брјанск, Волгоград, Воронеж, Владимир, Калушка, Курск, Липецк, Орел, Смоленск, Тамбов, Твер, Тула, Ростов, Рјазанска област, Москва и Московска област, анексирани се Крим и Азовско Море.

Најчитано