„Њузвик“ објави мапа на која е прикажана можната поделба на светот на сфери на влијание предводени од Русија, САД и Кина!
„Њузвик“ направи паралела со историскиот договор од Јалта во 1945 година.
Во текстот на овој портал се наведува дека актуелните геополитички процеси, особено оние поврзани со решавањето на конфликтот во Украина, би можеле да доведат до нешто како „нова Јалта“ – односно поделба на светот меѓу водечките сили, слично на поделбата на Европа по Втората светска војна.
Делење на светот по боја
На прикажаната карта, сферата на влијание на Русија (означена со црвена боја) ги опфаќа цела Европа, Кавказ и Турција. Соединетите Американски Држави (сина) доминираат во Северна Америка и Гренланд, додека Кина (жолта) е проектирана како доминантна сила во Југоисточна Азија, вклучувајќи ги Јапонија, Индија и Пакистан.
Региони како што се Централна Азија, Блискиот Исток, Африка, Латинска Америка, Австралија, Нов Зеланд и Монголија остануваат надвор од директната контрола на која било од трите сили, но порталот забележува дека Централна Азија би можела да стане појдовна точка за соперништво меѓу Русија и Кина.

Промените во американската надворешна политика отвораат простор
„Њузвик“ ја поврзува оваа потенцијална прераспределба на глобалната моќ со, како што наведуваат, „кардиналните промени“ во надворешната политика на САД.
Лидерот на Европската народна партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, на почетокот на април изјави дека светот веќе влегол во фаза на формирање нов светски поредок, поради промената на надворешната политика на Вашингтон.
„Поради политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, многу земји почнуваат да се дистанцираат од Вашингтон и бараат нови партнери“, рече Вебер.
Пекинг и Москва како оска на стабилност
Од друга страна, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји истакна дека односите меѓу Кина и Русија стануваат клучен „стабилизирачки фактор“ во светот што минува низ турбулентни промени.
Неговата изјава дополнително го илустрира растечкиот стратешки сојуз меѓу Пекинг и Москва, кој многу аналитичари го гледаат како противтежа на американското влијание на глобално ниво.