Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Русија регрутирала агенти во Полска за да влијае врз изборите

Полска предупредува дека Русија се обидува да влијае врз исходот на престојните претседателски избори во Полска.

Како што изјави полскиот министер за дигитализација Кшиштоф Гавковски, според полските и сојузничките разузнавачки служби, Русија започнала да регрутира агенти во Полска пред изборите.

„Руските служби почнаа да бараат Полјаци во Полска за да ангажираат да работат за странски служби и да влијаат на изборите. Се работи за многу пари. Сакам да ги предупредам сите бидејќи тоа никогаш не се случило во нашата земја. Полска е во војна со Русија во кибер просторот и тоа мора да се спречи по секоја цена“, изјави министерот Гавковски за полското радио РМФ ФМ.

Извештајот кој полските разузнавачи го подготвиле во соработка со американските институции наскоро ќе биде претставен од министерството. Министерот рече дека Кремљ се обидува да се осигура дека претседателот што Полјаците ќе го изберат оваа година за петгодишен мандат е поволен за плановите на Русија.

Од владата на премиерот Доналд Туск најавија дека ќе работат со опозициските партии за да развијат план за заштита на изборите од странско мешање, со цел да се минимизира ефектот врз изборната кампања и волјата на гласачите.

Министерот Гавковски ги предупреди Полјаците, кои руските служби, како што рече, ги бараат на „темна мрежа“, дека и најмала, наједноставна соработка со странски разузнавачки служби претставува кривично дело шпионажа и дека казните се строги.

Зачлени се на нашиот е-билтен