Муцунски бара предвидливост во односите со Бугарија и гаранции од Брисел пред Македонија да ги спроведе уставните измени, но Владата сè уште не соопштува како конкретно ќе стигне до такво решение, кој би го прифатил и во кој рок би можело да се деблокира отворањето на првиот преговарачки кластер.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија повторно порача дека Македонија сака решение со Бугарија, но оти тоа мора да обезбеди предвидливост на европскиот пат. Позицијата е испратена и до Софија и до Брисел, со барање Европската Унија или нејзини земји членки да бидат вклучени во идните разговори.
Барањето само по себе е легитимно. Македонија има право да побара заштита од нови билатерални условувања и јасно да инсистира идентитетот, јазикот и историјата да не станат предмет на преговори. Проблемот е што зборот „предвидливост“ веќе подолго време се повторува како главна владина формула, без да биде преточен во јавно објаснет правен или дипломатски механизам.
Муцунски неодамна призна дека меѓу Скопје и Софија постои „фундаментален недостаток на доверба“ и дека со бугарската министерка Велислава Петрова немал суштински работни разговори, туку само неколку кратки средби. Истовремено, побара во идниот дијалог да биде вклучена уште една земја членка или европска институција која би помогнала во градењето доверба.
Токму тука се отвора главното прашање: ако нема суштински разговори, на која маса се гради решението што Владата го најавува? Засега нема објавен документ со конкретни барања, нема рок за постигнување договор, ниту информација дека Софија или Брисел се подготвени да ја прифатат формулата што ја предлага Скопје.
Владините услови во изминатите две години постепено се прошируваа. Најпрво се предлагаше уставните измени да бидат усвоени со одложено дејство. Потоа беа побарани гаранции дека Бугарија нема да отвора нови прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот. Во јануари годинава премиерот Христијан Мицкоски ги додаде и барањата за правата на Македонците во Бугарија и за крај на идните билатерални блокади.
Секое од овие барања може политички да се образложи, но Владата не соопшти кој пакет е конечен и што точно би било доволно за да почне постапката за уставни измени. Не е познато ниту дали се бара декларација, одлука на Советот на ЕУ, дополнување на заклучоците од 2022 година или друг обврзувачки инструмент.
Рацин претходно анализираше дека Владата има јасна стратешка цел – членство во ЕУ, но нема јавно претставена резервна тактика доколку нејзиниот предлог не биде прифатен. Планот за деблокада би требало да содржи инструменти, рокови, партнери, црвени линии и повеќе можни сценарија, а не само список на чекори што Македонија нема да ги преземе.
Во меѓувреме, официјалната позиција на Европската Унија не е променета. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта при посетата на Скопје на 2 јуни изјави дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за продолжување на пристапниот процес. Тој порача дека тоа е патот за отклучување на натамошните преговори.
И Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ во февруари повика на спроведување на условите утврдени со заклучоците на Европскиот совет од 2022 година. Брисел истовремено бара продолжување на реформите во владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на правата на заедниците.
Просторот за постепена интеграција, користење европски фондови и вклучување во делови од единствениот пазар може да донесе придобивки и пред полноправното членство, но не го решава политичкиот застој околу уставните измени. Тоа го остава Скопје во позиција да бара нова формула, додека Брисел повторува дека следниот чекор е веќе договорен, а Софија нема причина самата да се откаже од услов што е внесен во европската рамка.
По повеќе од две години повторување на истите пораки, остануваат неодговорени прашањата кој е конкретниот владин предлог, кои европски држави го поддржуваат, што точно се бара од Софија и што ќе направи Владата доколку сегашната стратегија повторно не произведе договор.

