Важно соопштение од ДХЛ: Што ќе се случува со пратките? Се очекуваат доцнења и загуби

Компанијата DHL Express, дел од германската Deutsche Post, најави дека од 21 април ќе прекине со испраќање на дел од меѓународните пратки кон потрошувачите во САД, доколку нивната вредност е над 800 долари. Причината за оваа мерка се новите царински прописи во САД, кои значително го продолжуваат времето потребно за царинење.

Како што наведуваат од DHL, промените се резултат на нова регулатива која бара формална обработка за секоја пратка со вредност над 800 долари – праг што претходно изнесуваше 2.500 долари. Новите правила стапија на сила на 5 април.

Од DHL потенцираат дека испораките меѓу компании нема да бидат целосно прекинати, но можно е да има одложувања. Приватните и деловните пратки со вредност под 800 долари нема да бидат погодени од промените.

„Ова е привремена мерка“, соопштија од DHL, нагласувајќи дека работат со клиентите за подобро разбирање и приспособување на новите услови, кои целосно ќе се применуваат од 2 мај.

Одлуката следи по информацијата дека Hongkong Post објави суспензија на поштенските услуги за испорака на стоки по море кон САД, обвинувајќи го Вашингтон за „заплашување“, откако американската влада ги укина тарифните поволности за пакети од Кина и Хонгконг.

DHL нагласува дека ќе продолжи да ги обработува пратките според важечките правила, но предупредува на можно значително доцнење и компликации, особено за деловните корисници со испораки кон американски потрошувачи.

Зачлени се на нашиот е-билтен