Владата на Орбан ги забрзала исплатите на јавните пари пред изборниот пораз

Во последните недели од владеењето на Виктор Орбан, унгарската влада донела одлука за забрзување на исплатите на веќе преземените финансиски обврски, покажува документ до кој дошол унгарскиот портал „ХВГ“. Одлуката била донесена непосредно пред промената на власта, иако тогашната влада јавно тврдеше дека Фидес сигурно ќе победи на парламентарните избори. 

Според документот, целта била до крајот на мандатот да се реализираат што е можно повеќе финансиски обврски преземени од владата на Орбан. За таа цел била донесена уредбата 2080/2026, со која министрите добиле инструкции веднаш да започнат со исплатите, а доколку е потребно, средствата можеле да се пренаменуваат во рамките на буџетот. 

Особено внимание привлекува начинот на кој била донесена одлуката. Уредбата не била објавена во унгарскиот службен весник и била заведена како таканаречена „двојка“, односно како владина уредба што не била наменета за непосредно објавување во јавноста.

Според „ХВГ“, токму преку вакви нејавни уредби Орбановата влада носела одлуки кои сакала да ги држи подалеку од јавноста. „Телекс“ наведува дека само во текот на 2026 година биле донесени 107 вакви уредби, а околу 70 биле донесени во месеците пред изборната кампања и во периодот по изборниот пораз на Фидес. 

Уредбата 2080/2026, според документот, била насочена кон тоа да се завршат сите законски преземени исплати што имале буџетско покритие пред формирањето на новата влада. За да се овозможи тоа, била повлечена и претходна нејавна уредба од 2025 година со која биле ограничени новите финансиски обврски. 

Откритието добива дополнителна тежина по изборната промена во Унгарија. По 16 години владеење на Орбан, партијата ТИСА на Петер Маѓар ја презеде власта во 2026 година, а новата влада започна со преиспитување на дел од системите и договорите создадени во периодот на претходната власт.

Прашањето за јавните средства беше една од централните теми и во односите на Унгарија со Европската Унија. Европскиот совет во јули одобри нов план за унгарскиот фонд за закрепнување, со кој на земјата би можеле да ѝ бидат ставени на располагање околу 10 милијарди евра, од кои околу 6,5 милијарди евра грантови и 3,5 милијарди евра заеми. Исплатите се условени со исполнување на конкретни реформи и цели. 

Унгарија претходно се соочуваше со блокирање на значителни средства од ЕУ поради забелешки поврзани со владеењето на правото, корупцијата, јавните набавки и независноста на институциите. Новата власт најави мерки за зголемување на транспарентноста и борбата против корупцијата, вклучително и создавање независно тело за истрага на сомнителни случаи. 

Откриениот документ затоа отвора прашање не само за тоа колку јавни средства биле исплатени пред смената на власта, туку и зошто одлуката за забрзување на тие исплати била донесена со нејавна уредба. Токму транспарентноста на располагањето со државните пари останува едно од најчувствителните прашања во пресметката со наследството од долгогодишното владеење на Орбан.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?