Зеленски: Русија го нападна Запорожје со севернокорејски ракети, шестмина загинаа

Шест лица загинаа, а 20 се повредени во рускиот напад врз Запорожје, за кој украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека бил изведен и со балистички ракети од Северна Кореја. Напади во текот на ноќта имало и врз Киев и повеќе други украински региони.

Според Зеленски, врз Запорожје биле употребени севернокорејски балистички ракети, ракети „Циркон“ и наведувани воздушни бомби. Украинските власти објавија снимки од запалени и оштетени станбени објекти и возила.

„Секој чекор што го презема Русија, зголемувањето на производството на балистички ракети, набавката на севернокорејска опрема и подготовките за мобилизација, покажува дека Москва се подготвува не за мир, туку за ескалација“, порача Зеленски.

Украинското воздухопловство соопшти дека во нападите биле употребени и ракети „Искандер“ и „Циркон“, како и околу 120 беспилотни летала. Киев тврди дека Русија во последниот период добила дополнителни балистички ракети од Пјонгјанг.

Во главниот град Киев биле погодени повеќе локации. Еден од ударите бил во кругот на детска болница, каде биле оштетени прозорци и дворот, но според украинските служби немало повредени бидејќи децата и медицинскиот персонал биле во засолниште. На друга локација избувнал голем пожар во магацин.

Во Днипропетровската и Доњецката област локалните власти пријавија уште шест загинати и 16 повредени во ноќните напади, со што бројот на пријавени жртви низ Украина достигна најмалку 12.

Москва потврди дека извршила масовни удари, но тврди дека целите биле поврзани со украинската воена индустрија и логистика. Руското Министерство за одбрана соопшти дека во Киев биле погодени логистички и складишни капацитети, а во Запорожје металуршкиот комбинат „Запорожстал“, за кој Москва тврди дека произведува материјали што се користат и за воени потреби.

Русија не ги коментираше украинските тврдења дека во нападот биле употребени севернокорејски балистички ракети.

Во меѓувреме продолжија и украинските удари на руска територија. Украинскиот Генералштаб соопшти дека била погодена рафинеријата „Орскнефтеоргсинтез“ во Оренбуршката област, на околу 1.500 километри од украинската граница. Русија, пак, соопшти дека во текот на ноќта соборила или пресретнала 396 украински беспилотни летала.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?