Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ѝ дозволи на Украина да произведува ракети за противвоздушна одбрана од типот „Патриот“, објави CNN.
Според Зеленски, станува збор за конкретен договор со Вашингтон и за лиценца со која Украина би можела самостојно да произведува ракети-пресретнувачи за системите „Патриот“.
„Претседателот Трамп нагласи: Да, донесов конечна одлука – Украина ќе добие лиценца за производство на ракети „Патриот““, изјави Зеленски, осврнувајќи се на нивната последна средба во Њујорк за време на Генералното собрание на ОН.
Сепак, CNN наведува дека останува прашањето дали Трамп ќе го реализира ветувањето. Производството на овие ракети би било од големо значење за Киев, особено поради намалените американски залихи и зголемената побарувачка за системи за противвоздушна и противракетна одбрана.
САД претходно ѝ испорачуваа ракети „Патриот“ на Украина за одбрана од руските балистички ракети. Трамп во јули, за време на самитот на НАТО во Турција, првично предложи Украина да добие право на производство, но една недела подоцна ја повлече понудата.
Според украинската страна, недостигот од системи „Патриот“ особено ја погодува противвоздушната одбрана на Киев, кој во последните месеци е честа цел на руски ракетни напади.

