3.500 денари за секое прваче во Аеродром, пријавувањето почнува на 15 јуни

Општина Аеродром и годинава ќе доделува еднократна парична помош од 3.500 денари за секое прваче запишано во основно училиште на територијата на општината. Мерката е наменета како поддршка за семејствата пред почетокот на новата учебна година и ги опфаќа децата што се запишуваат во прво одделение.

Пријавувањето ќе трае од 15 јуни до 30 септември 2026 година. Родителите или старателите барањето треба да го достават во архивата на Општина Аеродром, заедно со потребната документација.

За остварување на правото на парична помош потребна е потврда за запишан ученик во прво одделение, заверена од основно училиште на територијата на Општина Аеродром или од основно училиште со ресурсен центар. Дополнително се доставуваат фотокопија од извод од матичната книга на родените за детето, фотокопија од лична карта или патна исправа на барателот со адреса на живеење во Општина Аеродром и фотокопија од трансакциска сметка.

Образецот за пријава и изјавата за согласност за обработка на лични податоци се достапни преку формуларите на општинската веб-страница и во просториите на Општината. Од Општина Аеродром порачуваат дека мерката продолжува како дел од поддршката за семејствата и за полесен почеток на новото училишно поглавје.

Најчитано