Приближно половина од Бугарите – 47 отсто изјавиле дека локалните избори што се одржаа во октомври не биле регуларни, 19 проценти навеле дека биле регуларни, покажуваат резултатите од анкетата на социолошката агенција „Тренд“.
Една третина од испитаниците навеле дека по укинувањето на гласање на машини во првиот круг изборите биле порегуларни. Речиси исто толку испитаници оцениле дека тоа немало никакво влијание, додека 11 проценти истакнале дека одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) помогнала изборите да бидат пофер.
Резултатите од анкетата покажуваат дека локалните избори немаа значително влијание врз изборната слика во Бугарија. Разликата во поддршката помеѓу двете водечки политички сили ГЕРБ и Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) и понатаму останува седум отсто.
ГЕРБ и понатаму е прва политичка сила со поддршка од 24,7 проценти, а по неа е коалицијата ПП-ДБ 17,9 отсто, а партијата Преродба ја поддржуваат 15,4 отсто од гласачите.
Парламентот останува со традиционално ниска доверба од 14 проценти, а претседателот на државата го поддржуваат 36 отсто од гласачите, но 51 процент изјавиле дека не се задоволни од работата на Румен Радев.
Анкетата е изработена по нарачка на весникот „24 часа“ една недела по вториот круг од гласањето односно од 11 до 18 ноември, при што биле испитани 1.006 луѓе.