Откриени гени отпорни на антибиотици во морињата

Copyright Rhenium Media / ImageSource / Profimedia

Италијански истражувачи од проектот „SeA Care“ пронајдоа гени отпорни на антибиотици, микропластика и траги од различни загадувачи во морињата и океаните, со највисоки концентрации во близина на бродски рути и густо населени крајбрежја.

Италијански научници во рамки на проектот „SeA Care“ откриле присуство на гени отпорни на антибиотици во повеќе океански и морски региони низ светот, вклучувајќи го Средоземното Море, Атлантскиот, Арктичкиот и други океански басени.

Според резултатите од истражувањето, повисоки концентрации на овие гени се забележани во близина на интензивни поморски рути и густо населени крајбрежни подрачја, што укажува на директна поврзаност меѓу човечката активност на копно и состојбата на морските екосистеми.

Податоците се базираат на анализа на илјадници примероци морска вода собрани ширум светот, при што океаните се опишани како глобален резервоар кој ги акумулира последиците од урбаните отпадни води, индустриското загадување и употребата на антибиотици.

Од Италијанскиот институт за здравство (ISS) е истакнато дека заштитата на човечкото здравје сè повеќе е поврзана со состојбата на морињата и океаните, бидејќи тие функционираат како поврзан систем на пренос на биолошки и хемиски траги.

Истражувањето дополнително открило и присуство на микропластика, таканаречени „вечни хемикалии“ PFAS, како и траги од генетски материјал поврзан со SARS-CoV-2, кои биле пронајдени дури и во оддалечени и отворени океански зони.

Проектот „SeA Care“ е предводен од Италија и вклучува институции како ISS, италијанската морнарица и меѓународни истражувачки центри, со цел воспоставување глобален систем за мониторинг на океаните преку редовни научни мисии и поморски рути.

Досега се собрани повеќе од 4.000 примероци морска вода од над 140 локации во Средоземното, Атлантскиот, Тихиот, Арктичкиот и Индискиот океан.

Научниците наведуваат дека ваквиот систем може да помогне океаните да се користат како ран систем за предупредување за глобални здравствени ризици, поврзани со загадување, климатски промени и нови закани за човековото здравје.

Најчитано