Батерија што минува 900 километри: Дали литиумот го доби најопасниот ривал?

ФОТО: Министерство за енергетика на САД

Електричните автомобили наскоро би можеле да поминуваат повеќе од 900 километри со едно полнење, а батериите да станат побезбедни и поевтини. Новите технологии веќе му создаваат сериозна конкуренција на литиумот.

Еден од најголемите ривали се натриум-јонските батерии. Натриумот е пораспространет и поевтин од литиумот, а батериите подобро функционираат и при ниски температури.

Нивниот недостаток е помалиот досег, поради што најпрво би можеле да се користат во градски автомобили, автобуси и системи за складирање електрична енергија.

На другиот крај се батериите со цврст електролит. Тие можат да складираат повеќе енергија, побрзо да се полнат и да имаат помал ризик од пожар.

Производителите проценуваат дека ваквата технологија би можела да овозможи досег од над 900 километри. Првите модели се очекуваат кон крајот на оваа деценија, но масовното производство сè уште е скапо и сложено.

Литиумот нема веднаш да исчезне. Производството е веќе развиено, цените се намалуваат, а перформансите постојано се подобруваат.

Најверојатното сценарио е пазарот да се подели: натриум за поевтини возила, цврсти батерии за поголем досег, а литиумот да остане главно решение уште подолго време.

Најчитано