Бочварски посочи дека ребалансот ја соголил економската неспособност на власта и ја потврдил сиромаштијата во која живеат граѓаните. На седницата на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот од СДСМ, Благој Бочварски, посочи дека ребалансот на Буџетот за 2026 година е уште една потврда за погрешните економски политики на Владата, кои, според него, резултираат со повисоки цени, стагнација на платите, поголем дефицит и зголемен јавен долг.
Бочварски оцени дека граѓаните секојдневно ја чувствуваат економската криза преку растот на цените и намалената куповна моќ. Тој рече дека не може да се даде преодна оценка за буџет на држава во која индустриското производство опаѓа, инфлацијата е речиси двојно поголема од европскиот просек, цените на храната се зголемени за 8 проценти, овошјето за над 16 проценти, а пијалаците за над 10 проценти.
Според него, животот станува сè поскап, додека Владата не презема мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Потрошувачката кошничка расте од месец во месец и дојде веќе до 70.000 денари или три минимални плати, а од друга страна имаме минимална плата којашто за првпат после седум години стагнира“, рече Бочварски.
Тој додаде дека, според него, залудни се обидите на Владата на граѓаните да им презентира розева слика за реалната состојба во државата.
Бочварски посочи дека економските показатели покажуваат оти Владата нема исполнето ниту едно од клучните економски ветувања, а тоа, како што рече, се потврдува и со предложениот ребаланс.
„Ветивте силен раст и развој, го нема. Ветивте повисоки плати, ги нема. Ветивте намален јавен долг, тој се зголеми за 2,5 милијарди евра. Ветивте дефицит под 3 проценти, а денес имаме 4,1 процент. Ветивте високо ниво на странски инвестиции, а тие уште првата година паднаа за 60 проценти. Ветивте зголемување на субвенциите за земјоделците, а во реалноста тие се намалија“, рече Бочварски.
Тој порача дека ребалансот е директна последица на нереалното планирање на буџетот и потфрлањето во наплатата на приходите.
„Буџетот не издржа ниту до средината на оваа година. Има потфрлање во приходите кои нема да можат да ја следат расходната страна од буџетот, која пак хронично троши повеќе отколку што може да собере од нашата економија. Со овој ребаланс се потврдува дека буџетот не издржа ниту до средината на оваа година“, рече Бочварски.
Бочварски додаде дека приходната страна на буџетот е нереално проектирана и оцени дека власта повторно се обидува да направи економска манипулација.
„Проектирате зголемување на приходната страна за 4,6 милијарди денари, а имаме потфрлање на приходите од неверојатни 240 милиони евра. Од планираните 375 милијарди денари, на половина од годината се собрани околу 170 милијарди, додека за втората половина се очекуваат 210 милијарди денари. Ова е нова економска манипулација. Од погрешни претпоставки не можат да излезат точни резултати“, рече Бочварски.
