Бугарски здруженија во недела ќе ги блокираат граничните премини кон Македонија

Бугарска организација што го носи името „Македонија“ најави дека во недела ќе организира двочасовна блокада на сите гранични премини меѓу Бугарија и Македонија. Според бугарските медиуми, блокадата ќе се одржи на премините „Деве Баир“, „Делчево“ и „Ново Село“.

Најавата следува ден по инцидентот пред бугарската амбасада во Скопје, кога 44-годишен скопјанец со бензин запали две возила со дипломатски регистарски таблички. Осомничениот беше уапсен, а случајот беше осуден и од македонските и од бугарските власти.

Од организацијата соопштија дека протестната акција е координирана со бугарското Министерство за внатрешни работи, кое, како што тврдат, издало дозвола за нејзино одржување.

Во нивниот повик се наведува дека целта на блокадата е да се испрати политичка порака, а не да се оневозможи движењето на граѓаните.

„Нашата цел е да му покажеме на Мицкоски дека не може да продолжи со репресиите. Не ни е цел да ги попречуваме граѓаните и нивниот слободен премин преку границата, затоа блокираме два часа, а не трајно! Дојдете и покажете единство и сила, Бугари“, се наведува во повикот на фондацијата.

Засега нема официјална реакција од македонските институции во врска со најавената блокада.

Најчитано