Матурскиот просек од 3,66 покажува релативно стабилни оценки, но ПИСА открива дека мнозинството ученици не го достигнуваат ни основното ниво на применливо знаење. Кога истиот проблем се повторува со генерации, одговорноста не може да се бара само кај децата.
Македонските матуранти ја завршија јунската сесија со просечна оценка 3,66. Најдобар успех постигнаа учениците што полагаа стручна матура, со просек 3,91. Просекот на државната матура е 3,62, а на уметничката 3,59. Од пријавените 14.587 ученици, на испитите не се појавиле 348.
На прв поглед, слабата четворка не изгледа како доказ за образовен неуспех. Но матурските оценки низ годините се движат во тесен распон, со исклучок на падот во 2024 година. Просекот изнесувал 3,61 во 2021 година, 3,78 во 2022, 3,65 во 2023, 3,25 во 2024, 3,69 во 2025 и 3,66 годинава.
Годинашниот резултат не може целосно да се споредува со претходните, бидејќи за првпат се применува нов концепт со државна, стручна и уметничка матура. Сепак, бројките повторно го отвораат суштинското прашање: дали оценката покажува што навистина знаат учениците или само колку добро го совладале конкретниот испит?
Министерката за образование Весна Јаневска минатата година оцени дека подобриот просек бил „плод на добрата подготовка на учениците“. Но разликите меѓу генерациите зависат и од организацијата на испитот, контролата, тежината на тестовите и можноста за препишување.
Во 2024 година, кога беа воведени построги контроли, просекот падна на 3,25. На 268 ученици им беа поништени испитите поради мобилни телефони, препишани одговори и плагијати. Во 2025 година 172 матуранти повторно се обиделе да ги прекршат правилата.
Тоа покажува дека дел од учениците навистина не учат доволно или се обидуваат оценката да ја добијат без знаење. Но неколку стотици поништени испити не можат да објаснат зошто слабите резултати се повторуваат кај десетици илјади ученици и во меѓународните тестирања.
На ПИСА 2022, македонските 15-годишници освоија 389 поени по математика, 359 по читање и 380 по природни науки. Просекот на земјите од ОЕЦД изнесуваше 472 поени по математика, 476 по читање и 485 по природни науки.
Само 34 проценти од учениците во Македонија го достигнале основното второ ниво по математика. Тоа значи дека приближно две третини не можат самостојно да препознаат како едноставен проблем од реалниот живот може да се претстави математички. Само еден процент биле меѓу најуспешните ученици, наспроти девет проценти во земјите од ОЕЦД.
УНИЦЕФ состојбата ја нарекува образовна криза. Според организацијата, 75 проценти од 15-годишните ученици имаат ниски резултати по читање, а 66 проценти по математика и природни науки.
„Овие бројки не се само статистика; овие бројки се итен повик за акција“, предупреди претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер.
Токму тука се појавува најголемата противречност. Матурантите имаат просек 3,66, а математиката во 2025 година беше положена со просек 4,14. Истовремено, две третини од 15-годишниците не го достигнуваат основното ниво на математичка писменост.
Матурата проверува совладување на определена наставна програма и испитни задачи. ПИСА проверува дали ученикот може прочитаното да го разбере, знаењето да го примени и да реши проблем во нова ситуација. Разликата меѓу солидната оценка и слабото функционално знаење покажува дека системот сè уште повеќе го наградува повторувањето отколку примената.
Македонија заостанува и зад земјите од регионот. Србија на ПИСА 2022 освои 440 поени по математика и читање и 447 по природни науки. Хрватска има 463 поени по математика, 475 по читање и 483 по природни науки.
Разликата со северноевропските системи е уште поголема. Финска има 484 поени по математика, 490 по читање и 511 по природни науки. Данска има 489, 489 и 494 поени. Естонија, која често се издвојува како најуспешен европски образовен модел, достигнува 510 поени по математика, 511 по читање и 526 по природни науки.
Основното математичко ниво го достигнуваат 34 проценти од учениците во Македонија, наспроти 75 проценти во Финска, 80 проценти во Данска и 85 проценти во Естонија.
Ниту нордиските системи се без проблеми. Финска и Норвешка во 2022 година забележаа пад на резултатите. Разликата е во тоа што нивниот пад почнува од значително повисоко ниво, додека мнозинството ученици и понатаму располагаат со основни функционални знаења.
Нордискиот модел не се темели само на повеќе пари. Заедничките принципи се еднаква достапност, силно предучилишно образование, квалификувани наставници, јасни национални цели и рана поддршка за учениците што заостануваат. Училиштата обезбедуваат здравствена, психолошка и специјализирана образовна помош, наместо проблемот да го констатираат дури на завршниот испит.
Во Македонија, учениците до 14-годишна возраст имаат речиси 900 наставни часа помалку од просекот во земјите од ОЕЦД. Околу 90 проценти од учениците учат во само 30 проценти од училишните објекти, поради што многу училишта работат во смени. Во градинка се опфатени само околу 43 проценти од децата на возраст од три до шест години.
Истовремено, близу 90 проценти од расходите за основното образование одат за плати. За опрема, наставни средства, одржување на училиштата и професионален развој на наставниците остануваат ограничени средства. Во некои училишта има повеќе од 30 ученици во паралелка, додека во други се учи во мали и комбинирани паралелки.
„Образовната криза е резултат на децениското несоодветно решавање на клучните структурни предизвици“, оценува УНИЦЕФ.
Затоа прашањето не може да се сведе на избор меѓу мрзливи ученици и неспособни наставници. Има деца што не учат, родители што не го следат нивниот напредок и наставници што не ги приспособуваат методите. Но кога три четвртини од учениците имаат проблем со читање, а две третини со математика и природни науки, станува збор за системски, а не за поединечен неуспех.
Учениците се одговорни за трудот, но не одлучуваат колку часови ќе имаат, какви учебници ќе користат, како ќе бидат обучени наставниците и кога ќе добијат дополнителна помош. Тие не го одредуваат ниту начинот на кој се мери знаењето.
Просекот од 3,66 покажува како матурантите го положиле испитот. ПИСА покажува што можат да направат со наученото. Разликата меѓу тие две бројки е најсилниот доказ дека проблемот не е само во тоа дали децата учат, туку и во тоа како системот ги учи.
