Збогатувајќи ја меѓусебната комуникација и контакти, уметниците од двете земји веќе изградија своевидна заедница која постојано расте, и во која непознатите престануваат да си бидат туѓинци едни на други
Од Софија
Стојан Синадинов
Вечерва (11 јули) во Софија во најрепрезентативниот изложбен простор на Националната академија за ликовни уметности, галеријата „Академија“, беше отворена групната ликовна изложба „Средба од десетти вид“, на која со свои дела учествуваат Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов, Ненад Микиќ, Зоран Мише, Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев, Рикардо Кварежма Виејра, Валтер Праташ и Золтан Ференц. Изложени се 50-тина цртежи, графики, слики во комбинирани техники, скулптури, фотографии, дигитали графики и видеоарт дела.
Изложбата ќе биде отворена до 30 јули годинава, претставува продолжување на проектот „Поврзување“, кој оваа година ја одбележува својата 10-годишнина, и е резултат од соработката меѓу Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија и Националната академија за ликовни уметности. Со овој извонреден настан пред бројните љубители на ликовната уметност во едно од најстарите зданија посветени на уметноста во Софија започна и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.
По поздравниот говор на уметникот Росен Тошев на присутните им се обрати директорот на КИЦ во Софија, д-р Сашко Насев, со беседа за естетиката и дипломатијата. Цитирајќи го постулатот на Аристотел за уметниците кои (треба) да ја креираат реалноста, Насев ја потенцираше улогата на уметноста како најбитна – уметноста над сè.
Амбасадорката на Северна Македонија во Софија, Н.Е. Агнеза Руси-Поповска, во нејзината поздравна реч ја истакна значајноста на уметниците во зацврснување на односите меѓу двете земји. Кураторот на „Средба од десетти вид“, д-р Иво Пецов, кој и самиот изложи неколку дела, потсети на развојот на проектот „Поврзување“ со кој КИЦ на РСМ го рашири своето културно присуство и културна размена со речиси сите поголеми градови во Република Бугарија. Овој проект во неговите претходните изданија ги промовираше младите автори од Република Северна Македонија кои живеат, работат или студираат во Република Бугарија, а низ годините го стимулираше и мултимедијален карактер, збогатувајќи ја понудата и со македонска поезија, музика, филмска уметност…
Вреди да се погледне листата на авторите кои во изминатите години биле дел од проектот „Поврзување“: Адриана Јованоска, Ана Лазаревска, Атанас Ботев, Александар Станковски, Беди Ибрахим, Горан Тричковски, Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Димитар Христов, Зоран Георгиев, Зоран Мише, Иван Стоименов, Иво Пецов, Игор Христов, Исмет Рамиќевиќ, Ице Огненовски – Мерко, Јана Луловска, Јана Манева-Чупоска, Јован Шумковски, Јовица Миленов, Јорданчо Ристовски, Катерина Деспот, Колектив Зеро, Маријана Иванова, Марјан Ѕингаров, Ненад Микиќ, Павел Целкоски, Перица Георгиев – Пепси, Роберт Јанкулоски, Слободан Милошески, Соња Димитрова, Срѓан Микиќ, Хари Дудески, Шќипе Мехмети / Васил Колев, Генади Гатев, Георги Јанков, Десислава Христова, Иван Ќуранов, Лилјана Караџова, Марија Алексиева, Момчил Мирчев, Нина Русева, Ninavale (Нина Ковачева и Валентин Стефанов), Роман Кисјов, Росен Тошев, Свилен Стефанов / Валтер Праташ, Рикардо Кварежма Виејра и Золтан Ференц.
Затоа и насловот на годинешната групна изложба, „Средба од десетти вид“, не е само просто асоцијативна. Збогатувајќи ја меѓусебната комуникација и контакти, уметниците од двете земји веќе изградија своевидна заедница која постојано расте, и во која непознатите престануваат да си бидат туѓинци едни на други. Или, со други зборови, најдобрата дипломатија, не само по повод одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.