Дигитални свидетелства за најмалите ученици уште од јуни

Дигитални свидетелства за првпат ќе добијат учениците од прво до трето одделение на крајот од оваа учебна година, покрај досегашните хартиени документи, соопшти Министерството за образование и наука. Новината ќе почне етапно од јуни, а целта е училиштата, учениците и семејствата да имаат побрз и поедноставен пристап до документите.

Според МОН, дигиталните свидетелства ќе имаат иста важност како хартиените. Хартиените документи нема веднаш да исчезнат, туку постепено ќе се заменуваат, додека училиштата ќе добијат поефикасен административен процес и трајна електронска архива.

Процесот се реализира со поддршка од „Македонски Телеком“, кој донирал електронски потписи за сите 368 основни училишта во земјава. Со тоа треба да се овозможи побрзо и поедноставно издавање на дигиталните документи.

Од МОН наведуваат дека секое дигитално свидетелство ќе остане во електронска архива и, доколку ученикот или семејството побараат, училиштето ќе може да го отпечати. Во следните години, дигиталните свидетелства постепено ќе се воведуваат и за учениците од повисоките одделенија.

Најчитано