До 30.000 денари за гасен приклучок или котел, рокот продолжен до 31 октомври

Интерконекторот

Домаќинствата добиваат уште четири месеци за да аплицираат за државна помош за приклучување на системот за природен гас или за набавка на котел на гас.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека рокот за поднесување барања е продолжен до 31 октомври 2026 година, откако измената на Програмата за поттикнување на снабдувањето со гас во домаќинствата била објавена во „Службен весник“.

Финансиската поддршка покрива до 70 проценти од направените трошоци, но најмногу 30.000 денари по домаќинство. Надоместок може да се добие за изведба на куќен приклучок на дистрибутивниот систем или за набавка на котел за објект што веќе е приклучен на гас.

За мерката се обезбедени вкупно три милиони денари. Барањата ќе се разгледуваат според принципот „прв дојден, прв услужен“, а поддршката ќе се доделува до исцрпување на расположливите средства. Секое домаќинство има право да поднесе само едно барање.

Право на аплицирање имаат домаќинствата што во текот на 2026 година ќе изведат приклучок на системот за дистрибуција на природен гас. Помош може да побараат и домаќинства што ќе купат котел на гас за објект чиј куќен приклучок бил завршен најдоцна до 1 јануари 2026 година.

Според документацијата од јавниот оглас, за приклучокот е потребна потврда од операторот на дистрибутивниот систем со наведена цена. За купениот котел се доставува фискална сметка или фактура со банкарски извод или уплатница, како доказ дека трошокот е целосно платен.

Кон барањето се приложуваат и нотарски заверена изјава за веродостојност на документите, фотокопија од личната карта и податоци за трансакциската сметка на барателот. Министерството го задржува правото да ги провери документацијата и објектот за кој се бара надоместок.

Апликацијата се доставува во затворен коверт по пошта или директно во архивата на Министерството за енергетика на улица „Македонија“ број 27 во Скопје. На ковертот треба да бидат наведени називот на јавниот оглас, името, презимето и адресата на барателот.

На страницата на Министерството со првичниот јавен оглас сè уште е наведен стариот рок од 30 јуни, но во официјалното соопштение од 7 јули е објавено дека аплицирањето е продолжено до 31 октомври 2026 година.

Најчитано