СДСМ ја обвини Владата дека со плановите за привлекување големи комерцијални дата-центри може да ја загрози енергетската и водната стабилност на државата, ставајќи ги интересите на странските инвеститори пред потребите на граѓаните.
Кристијан Дојчиновски од СДСМ на денешната прес-конференција изјави дека дигиталната трансформација е важна за економскиот развој, но оти изградбата на големи, таканаречени хиперскалабилни дата-центри претставува сериозен стратешки ризик доколку претходно не се утврдат нивната потрошувачка и влијанието врз природните ресурси.
„Мицкоски сака водата и струјата на граѓаните да ги продаде за профит на странски дата-центри“, обвини Дојчиновски.
Според него, еден голем дата-центар може дневно да троши меѓу еден и три милиони литри вода за ладење на компјутерската опрема. Тој оцени дека таквата потрошувачка е споредлива со дневните потреби на населено место со десетици илјади жители.
Од СДСМ предупредија дека евентуалната изградба на вакви објекти би можела дополнително да ги оптовари системите за водоснабдување, особено во услови на климатски промени, сушни периоди и зголемен притисок врз водните ресурси.
Партијата изрази загриженост и за можните последици врз електроенергетскиот систем. Според Дојчиновски, приклучувањето големи потрошувачи би можело да ја зголеми потребата од увоз на електрична енергија и да создаде дополнителен притисок врз цените.
Тој тврди дека економската корист од ваквите инвестиции не е пропорционална со ресурсите што ги користат дата-центрите, бидејќи по завршувањето на изградбата тие најчесто функционираат со релативно мал број вработени.
СДСМ побара воведување мораториум за изградба на нови комерцијални дата-центри што користат системи за ладење со голема потрошувачка на вода. За помалите објекти наменети за потребите на државните институции, партијата предлага задолжително воздушно ладење и користење сопствени извори на електрична енергија, соларни системи и батериски капацитети.
Обвинувањата следуваат откако премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата разговара со десетици компании заинтересирани за инвестирање во дата-центри во земјава. Тој уверува дека ќе бидат избрани локации што нема да имаат негативно влијание врз животната средина и дека проектите ќе мора да исполнуваат законски и технички критериуми.
Мицкоски претходно изјави дека Владата нема да се откаже од плановите поради, како што рече, „создавање хистерија“, оценувајќи дека дата-центрите и вештачката интелигенција се дел од современиот економски развој. Според него, инвестициите треба да создадат нова вредност и подобро платени работни места, без да го нарушат квалитетот на животот на граѓаните.
Владата подготвува и измени на законите за урбанистичко планирање и за градење, со кои треба да се олесни изборот на локации и изградбата на дата-центри. Вицепремиерот Александар Николоски најави дека целиот процес ќе се води централизирано, со образложение дека овие инвестиции може да донесат стотици милиони евра, нови работни места и раст на економијата.
