Километарска колона возила што се движат кон Грција претпладнево го блокираше регионалниот пат низ Стар Дојран, а метежот се протега до црквата „Свети Илија“ на влезот во градот.
Застојот трае околу четири часа, а од граничниот премин „Дојран“ велат дека проблемот е на грчката страна, каде што службите веќе немаат капацитет да го примат огромниот број возила. Исполнета е и меѓуграничната зона, поради што колоната се прелеала на македонска територија.
„Застојот е на грчка страна. Грчките служби работат со сите расположливи капацитети, но колоната веќе стигна до црквата ‘Свети Илија’“, информираат од граничниот премин.
Дополнителен притисок создава метежот на граничниот премин „Богородица“, од каде што дел од патниците се пренасочуваат кон Дојран со надеж дека побрзо ќе ја преминат границата. Тоа дополнително ги оптоварило улиците во Стар Дојран и пристапниот пат кон преминот.
Од граничните служби објаснуваат дека најголемите гужви кон Грција вообичаено се создаваат на почетокот од неделата, кога започнуваат новите туристички аранжмани. Метежот е особено изразен кон крајот на јули и почетокот на август, кога најголем број граѓани заминуваат на годишен одмор.
На возачите им се препорачува пред тргнување да ја проверат состојбата на премините и да понесат доволно вода, особено поради високите температури и повеќечасовното чекање.
