Ноќта на прослави по повод победата на Шпанија во финалето на Светското првенство заврши со две загинати лица, со над 80 повредени и најмалку 12 уапсени низ целата земја.
Седум лица беа уапсени во Мадрид во текот на ноќта во понеделник. Петмина беа приведени за поттикнување омраза по тепачка во бар. Едно лице беше уапсено за нарушување на јавниот ред и мир и напад врз службено лице на плоштадот Сибелес, во центарот на градот каде што се собраа илјадници навивачи, а едно за сериозна непослушност на главниот плоштад, Пуерта дел Сол, соопшти шпанската влада.
Итните медицински служби во Мадрид превезоа вкупно 36 повредени лица во градските болници. Во Барселона, каталонската полиција уапси три лица преку ноќ за разни кражби, додека здравствените служби згрижија 29 лица, од кои 24 беа полесно повредени, а пет потешко.
Во Сиудад Родриго, град во покраината Саламанка, на 320 километри од Мадрид, почина 13-годишно момче, а друго е во сериозна состојба со скршена нога откако се урна фонтана на која се качуваа навивачите. Во несреќата е повреден и трет малолетник, кој оттогаш е пуштен од болница.
Регионалните служби за итни случаи на Кастиља-Ла Манча, исто така, известија за смртта на млад човек на околу 20 години на плоштад во градот Сонсека. Младиот човек доживеал конвулзии додека го гледал натпреварот и починал. Во исто време, друг 19-годишник бил однесен во болница во сериозна состојба во блискиот град Толедо откако бил избоден во Сесења.
Во Памплона, град со баскиски идентитет на северот од земјата, се истражува напад врз група војници кои го гледале натпреварот во бар. Тие биле нападнати од група маскирани лица вооружени со метални прачки и телескопски палки, при што биле повредени шест лица, меѓу кои и тројца војници.
Баскиската полиција Ерцаинца идентификуваше 20 лица во Билбао, каде што група маскирани лица се обиде да го саботира емитувањето на финалето на голем екран поставен од конзервативната Народна партија (ПП). Во баскиската покраина Алава, уште три лица се идентификувани по напад врз маж кој носел дрес на шпанската репрезентација.
Баскија е покраина на север каде што многумина се залагаат за независност од Шпанија.
Во западната покраина Екстремадура и нејзиниот град Бадахоз, Црвениот крст интервенираше во 34 случаи, а две лица беа однесени во болница. Во блискиот Касерес, пет лица беа згрижени во болници, додека беа регистрирани уште 30 помали медицински интервенции.
Во Валенсија, две лица беа уапсени преку ноќ за напад врз службено лице откако фрлале камења кон локалната полиција за време на прославите. Градската влада соопшти дека прославите биле „многу мирни“ во целина.
Шпанските фудбалери ја победија Аргентина со 1-0 во финалето на Светското првенство во недела вечерта. Ова им го донесе првиот трофеј по 16 години, откако за прв пат беа светски шампиони во 2010 година.
