Државните ревизори утврдиле неправилности кај 45 од вкупно 69 лица вработени во МЕПСО преку јавен оглас, што претставува околу 65 отсто од новите вработувања. Дел од кандидатите не ги исполнувале условите за образование, работно искуство и другите барања за работните места, покажува конечниот ревизорски извештај за 2024 година.
Јавниот оглас бил објавен во декември 2023 година за вработување 70 лица на неопределено време, а постапката била реализирана на почетокот на 2024 година. Ревизорите утврдиле дека не постоеле јасни критериуми за селекција и интервјуирање, со што била ограничена објективноста при изборот на кандидатите.
Кај дел од вработените не биле целосно исполнети условите предвидени во јавниот оглас и во Правилникот за систематизација. Некои лица биле вработени на позиции за кои воопшто не аплицирале, а кратко по вработувањето биле прераспределени или унапредени на други работни места.
Прераспределувањата и унапредувањата биле направени по само две недели, односно по шест месеци поради изборниот процес. Ревизорите констатирале дека некои од овие лица не ги исполнувале ниту условите за новите позиции, што влијаело и врз висината на нивните плати.
Проблеми биле откриени и при проверката на 95 персонални досиеја. Дел од вработените биле распоредени на позиции без потребниот степен или вид образование и без соодветно работно искуство, а биле пополнувани и работни места кои веќе биле зафатени.
Дополнително, Правилникот за систематизација од 2018 до август 2025 година бил изменет 77 пати, без да биде изработен пречистен текст. Дури 34 измени за зголемување на бројот на извршители биле донесени само од генералниот директор, иако според Статутот одлучувањето за систематизацијата е во надлежност на Управниот одбор.
Ревизијата открила и неправилности при пресметката на минатиот труд и додатоците на плата. Во одредени случаи бил пресметан помал или поголем процент од предвидениот, додека додатокот од 200 отсто за прекувремена работа за време на викенд не бил предвиден со важечкиот колективен договор.
Државниот завод за ревизија оценил дека недоследната примена на прописите негативно влијаела врз транспарентноста на вработувањата, организацијата на работата и управувањето со човечките ресурси во МЕПСО. За финансиските извештаи на друштвото е изразено неповолно мислење, а за усогласеноста со законите и политиките – мислење со резерва.
