ЕУ денеска најави доделување на 171 милион евра хуманитарна помош за луѓето во регионот на Рогот на Африка, кои се соочуваат со зголемени потреби како последица на регионалните конфликти, климатските промени и економската криза.
Заедно со претходно најавените 72 милиони евра за Судан, вкупната вредност на хуманитарната поддршка за овој африкански регион во 2024 година ќе изнесува 243 милиони евра.
Од вкупната сума, како што јави дописникот на МИА од Брисел, 49,5 милиони евра ќе бидат наменети за Јужен Судан, 38 милиони за Етиопија, 37 милиони за Сомалија, 27,5 милиони за Уганда, 11,5 милиони за Кенија и 500.000 евра за Џибути. Дополнителни седум милиони евра ќе бидат одвоени за програми за справување со елементарни непогоди во целиот регион.
Главните приоритети на оваа помош на ЕУ се справување со акутната криза со недостигот на храна во регионот, подобрување на пристапот до основните услуги, обезбедување образование и заштита на децата во услови на хуманитарни кризи и воспоставување системи за справување со вонредни ситуации.
ЕУ посочува дека десетици милиони лица на Рогот на Африка се погодени од акутната криза со недостигот на храна, а дополнителен проблем се и големиот број на бегалци и раселени лица во регионот, кои зависат од странска помош.
Регионот, исто така, се соочува и со последиците од климатските промени и пред се од феноменот „Ел Нињо“, кои резултираат со екстремни временски услови – од долготрајна суша, до поплави, пред се во делови на Етиопија и Сомалија.