Опозициската СДСМ реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека партијата е против инвестиции и проекти и го обвинува дека наместо одговори за економијата и работата на Владата, нуди „лаги и конструкции“
СДСМ реагира на последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски во кои тој ја обвини опозицијата дека е против сè, освен, како што рече, „марихуана-економија“, и дека би потпишала „бел лист“ за распродажба на државата.
„Нема дилема. Има лаги“, порача СДСМ, од каде што тврдат дека не се против инвестиции и проекти, туку против, како што велат, „личните проекти“ на Мицкоски.
Од партијата тврдат дека најголемите инвестиции биле реализирани во периодот кога СДСМ беше на власт и наведуваат дека странските директни инвестиции сега се намалиле за повеќе од 65 отсто.
„Од околу 250 милиони просечно по квартал во времето на СДСМ на само 18,7 милиони евра сега во последниот квартал“, наведуваат од опозицијата.
СДСМ го обвини Мицкоски и за начинот на кој се реализираат енергетските и инфраструктурните проекти, при што посебно ги споменува ЕСМ и инвестициите во енергетскиот сектор. Партијата тврди дека станува збор за нетранспарентни зделки и бара одговори за улогата на лица што ги поврзува со актуелната власт.
Опозицијата реагира и на патувањето на Мицкоски во САД и на составот на делегациите што го придружуваат.
„Кога ќе поведе 50 луѓе во Америка на грб на граѓаните – роднини, тетки, стрини, да, сме против тоа. Тоа го плаќа народот“, се наведува во реакцијата.
Во истиот контекст, СДСМ повторно го отвори прашањето за ангажманот на американската лоби-компанија Mercury Public Affairs и средствата што, според претходно објавените податоци и тврдења на опозицијата, се плаќаат за лобирање во САД.
Од СДСМ велат дека „кога се работи под маса, под радар, има скриена намера“ и бараат поголема транспарентност околу овие ангажмани.
СДСМ ја отвора и темата за „марихуана-економијата“
Во реакцијата, опозицијата го поврзува тврдењето на Мицкоски за „марихуана-економија“ со прашањата околу запленетите количества марихуана.
„Нека каже што е со заплената од 100 тони. Нека каже што беше со петте тони што завршија кај сестринската партија во Србија“, наведува СДСМ.
Без да понуди дополнителни докази во самото соопштение, партијата тврди дека економските показатели не одговараат на владините пораки за економски успех.
„Граѓанинот ја гледа ‘третата економија на Европа’ во фрижидерот и во паричникот“, наведуваат од СДСМ.
Опозицијата го критикува и односот на Владата кон рударските проекти, посебно можноста за отворање рудници во заштитени подрачја, како и односот кон заштитата на водните ресурси.
Во реакцијата повторно се споменува и водоснабдувањето во Гостивар и прашањата околу квалитетот на водата, при што СДСМ тврди дека илјадници граѓани биле погодени, а институциите сè уште не дале одговори за одговорноста.
Партијата го отвора и прашањето за најавените дата-центри, барајќи од Владата да објасни колкави количества електрична енергија ќе бидат потребни и кој ќе ги покрива трошоците.
„Против странски влијанија“
СДСМ во реакцијата се осврнува и на надворешната политика, при што тврди дека Македонија не смее да биде предмет на влијание од странски политички центри.
„Не може Орбан и Вучиќ да управуваат со Македонија“, наведува опозицијата, додавајќи дека е против, како што ја нарекува, „руската партија Левица“ да соработува со Мицкоски и против присуство на лица со наводни врски со странски безбедносни служби во државните институции.
СДСМ го критикува и начинот на кој Владата ја води политичката комуникација и ја обвинува за поделби во општеството.
Во реакцијата се повикуваат и на неодамнешните пораки на Мицкоски за „елита“ и „талог“, оценувајќи дека таквата реторика дополнително ги продлабочува поделбите.
„Народот не е талог“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека се противат на политички пораки кои, според нив, имаат корени во историски модели на поделби.
НАТО, ЕУ и задолжувањето
Опозициската партија во реакцијата потсетува и на периодот кога беше на власт, при што како свои политички резултати ги наведува пристапувањето на Македонија во НАТО и отворањето на пристапните преговори со ЕУ.
„Ние гордо го потпишавме пристапувањето на земјата во НАТО и ги отворивме преговорите со ЕУ“, наведува СДСМ.
Во исто време, партијата го обвинува актуелниот премиер дека повеќе од две години не направил доволно за продолжување на европскиот процес.
СДСМ го критикува и задолжувањето на државата, тврдејќи дека во периодот на актуелната влада долгот се зголемил за околу четири милијарди евра.
Реакцијата завршува со директна политичка порака до премиерот:
„Еве кажуваме јасно. Ние немаме дилема. Ние сме против криминал и корупција.“
Од СДСМ велат дека се „за институции“ и дека не се за, како што ја нарекуваат, „банда“.
Мицкоски во своите настапи ја обвинува опозицијата дека е против владините проекти и инвестиции. СДСМ, пак, со последната реакција бара одговори за економските резултати, јавните трошења, инвестициите, енергетските и рударските проекти, како и за надворешно-политичките определби на Владата.

