Европа на 40 степени: рекорди во Австрија, црвени аларми во Италија

топлотна

Топлотниот бран што претходно ги зафати Франција и Шпанија се помести кон централна и јужна Европа, носејќи рекордни температури, црвени метеоаларми, пожари и проблеми во енергетиката и речниот транспорт.

Во Австрија денеска, 5 август, втор ден по ред е соборен националниот температурен рекорд. Во Бад Дојч-Алтенбург, во близина на границата со Словачка, во 15:40 часот биле измерени 41,2 степени. Само еден ден претходно во Виена биле регистрирани рекордни 41 степен.

Австриската метеоролошка служба „Геосфера“ го задржа највисокото црвено предупредување за Виена, северен Бургенланд и североисточните делови на Долна Австрија. Освен дневните температури, дополнителен ризик претставуваат и тропските ноќи, во кои температурата во градовите не се спушта под 24 до 27 степени.

Нов температурен рекорд денеска е измерен и во Словачка. Во Каменица над Хроном температурата достигнала 41,4 степени, со што бил надминат претходниот национален максимум. Во делови од земјата била регистрирана и најтоплата ноќ досега, со минимална температура од 28,4 степени.

Во Италија, 25 од 27 градови опфатени со националниот систем за следење на топлотните бранови денеска се под највисоко црвено предупредување. Утре, 6 август, црвениот аларм ќе важи за сите 27 градови, вклучувајќи ги и Месина и Реџо Калабрија.

Температурите во делови од Италија се доближуваат до 40 степени. Црвеното предупредување значи дека продолжената жештина претставува ризик за целото население, а не само за повозрасните, децата и хронично болните лица.

Поради високите температури, Ватикан ја премести неделната општа аудиенција на папата Лав од плоштадот „Свети Петар“ во затворен простор. Италијанските власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат директно сонце во најтоплиот дел од денот и редовно да внесуваат течности.

Во Унгарија, сушата и рекордно нискиот водостој на Дунав предизвикаа сериозни проблеми во производството на електрична енергија. Нуклеарната централа „Пакш“, која ја користи речната вода за ладење, работи со нешто повеќе од десет проценти од својот капацитет.

По повикот на Владата, компаниите и домаќинствата ја намалиле потрошувачката за 600 до 700 мегавати во вечерните часови. Во мерките за штедење се вклучиле 837 средни и големи потрошувачи, а унгарската железница привремено го ограничила товарниот сообраќај во периодите на најголема потрошувачка.

Проблемите со нискиот водостој стигнаа и до нуклеарната централа „Кршко“, која произведува електрична енергија за Словенија и Хрватска. Централата најави дека во ноќта кон 6 август постепено ќе ја намали моќноста на реакторот на 80 проценти поради високата температура и нискиот проток на Сава.

Од „Кршко“ соопштија дека станува збор за планирана и контролирана мерка за да се почитуваат еколошките ограничувања. Доколку условите на Сава дополнително се влошат, можно е ново намалување на производството.

И Рајна во Германија падна на рекордно ниско ниво. Дел од товарните услуги се прекинати, а бродовите што продолжуваат да пловат мора да пренесуваат значително помалку стока за да не го допрат дното на реката.

Во Албанија пожарникарите се борат со големи пожари во јужните и источните делови на земјата. Во областа Малакастер дел од населението било евакуирано, додека активни жаришта има и во планинските области во близина на Ѓирокастро.

Според европскиот систем „Метеоаларм“, метеоролошки предупредувања денеска се активни во повеќе од 20 европски земји. Топлотниот бран во централна Европа го достигнува врвот на 5 и 6 август, а првото позначително намалување на температурите се очекува кон крајот на неделата.

Најчитано