Европските берзи близу рекорди

берзи

Европските берзи ја завршуваат неделата во плус, поддржани од силните корпоративни резултати и растот на технолошките и фармацевтските компании, додека инвеститорите го очекуваат клучниот извештај за вработеноста во САД.

Паневропскиот STOXX 600 денеска порасна за околу 0,2 проценти, а на неделно ниво добивката достигна 1,6 проценти. Индексот претходно во текот на неделата достигна и нови рекордни нивоа.

Оптимизмот во Европа во голем дел го поттикнува сезоната на корпоративни резултати. Според податоците на LSEG, сега се очекува профитот на компаниите од STOXX 600 во вториот квартал да порасне за речиси 21 процент. На почетокот на мај прогнозата изнесувала околу 12,5 проценти.

Во текот на неделата германскиот DAX првпат се искачи над 26.100 поени, францускиот CAC 40 достигна рекордни 8.700, а италијанскиот FTSE MIB се искачи до историски максимум од 53.540 поени. EURO STOXX 50, кој ги следи најголемите компании во еврозоната, од почетокот на годинава има добивка од околу 10 проценти.

Меѓу поинтересните движења оваа недела беше скокот на британската рекламна група WPP од 28,6 проценти во една сесија, најголем дневен раст на нејзините акции од 1992 година. Од друга страна, „Рајнметал“ падна за 3,5 проценти по намалувањето на прогнозите за продажба, а „Сименс“ загуби 4,5 проценти и покрај рекордниот квартален индустриски профит.

Пазарите сега се насочени кон американските податоци за вработеноста. Аналитичарите очекуваат американската економија во јули да додала околу 80.000 работни места, а невработеноста да остане на 4,2 проценти. Резултатот може директно да влијае врз очекувањата за следниот потег на Федералните резерви и со тоа и врз европските пазари.

Глобалниот MSCI All-World индекс неделава е повисок за 2,3 проценти, што е негов најсилен неделен раст од мај.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?