Со околу 250 наслови во сите селекции и стотина гости – автори, продуценти и филмски критичари, 26. Интернационален фестивал на документарниот филм во Солун (Thessaloniki International Documentary Festival – TiDF) од 7 до 17 март нуди богата, но пред сè, провокативна програма, која се обидува да ги апострофира сите битни предизвици на денешнината.
Интернационалната програма програма на фестивалот ја сочинуваат 4 натпреварувачки селекции. Најатрактивната сепак е меѓународната селекција во која се натпреваруваат 12 наслови за наградите „Златен Александар“ (и парична награда од 12 илјади евра) и „Сребрен Александар“ (5 илјади евра).
Свеченото отворање на фестивалот минатиот четврток со „Го застрелаа пијанистот“ (They Shot the Piano Player) на реномираниот шпански филмски автор Фернандо Труеба е малку поинаков вовед во еден фестивал на документарци од вообичаеното.
Оскаровецот Труеба (со играниот филм Belle Epoque од 1992) го отвори Солунскиот фестивал со анимиранaта документарна драма во која се истражува исчезнувањето и претпоставеното убиство на бразилскиот пијанист Франциско Тенорио Јуниор во 1976 година. Актерот Џеф Голдблум го игра американскиот музички новинар кој го истражува случајот, а саундтракот на филмот вклучува музика од Жоао Жилберто, Каетано Велосо, Жилберто Гил, Винисиус де Мораес и Пауло Моура…
Труеба е годинешниот лауреат на фестивалската награда за животно дело „Златен Александар“, која му ја врачи претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, која и го прогласи фестивалот за отворен. Фестивалот го чествува мултимедијалниот уметник Труеба со проекции на уште три негови наслови, чии стории се одраз на неговата длабока љубов и познавање на музиката.
Дваесетишестото издание на солунскиот фестивал на документарци годинава се одржува на фонот на 50-годишнината од реставрацијата на демократијата во Грција, по падот на воената хунта во 1974 година. Таа временско-историска рамка е како совршена за фестивалската посвета на ЛГБТИ+ заедницата со 33 филмови кои ги преиспитуваат демократските капацитети на општеството, преку ослободувањето од стегите и родовото самоодредување, во земјата домаќин и остатокот во светот. Секако дека не оди лесно, бидејќи во неделата вечерта лидерот на СИРИЗА, Стефанос Каселакис, беше цел на агресивен вербален напад кога сакал да присуствува на една од фестивалските проекции, иако неколку часа пред тој напад во Солун се одржа протест против хомофобијата, а пред извесно време и грчкиот парламент ги легализираше истополовите бракови.
Еден од фестивалските спотови
Разновидната програма на годинешното фестивалско издание содржи наслови кои ги допираат некои од најосетливите точки на денешнината со сите нејзини предности, а многу повеќе маани од кои е составен аполитичката некоректност. Еден од тие наслови, не случајно прикажан токму на 8 Март, е „Куќа со глас“ (House With a Voice) на авторките Кристине Нрецај и Бирте Темплин (Kristine Nrecaj, Birthe Templin), во германска продукција.
Филмот е раскажан низ визурата на шест жени-заколнати девици од Албанија (burrnesha на албански, но се користи и терминот вирџина) како неверојатно топла и сентиментална приказна за сега средовечни личности кои уште од ранотото детството (некои со самото раѓање биле прогласени за burrnesha) немале право на избор. Едната од авторките, Кристине Нрецај (родена во Баварија, Германија, во семејство со албанско потекло), била инспирирана од животната сторија на нејзината баба-тетка, вирџина од планинскиот север на Албанија.
Во „Куќа со глас“ сведочите на средбата на „малиот човек“ (поточно жена) и „големата“ патријархална традиција, која во случаи кога семејството од различни причини останува без машки наследник, го создава на сила: воспитување на женските деца како машки за да бидат глава во куќата било систематско и безпоговорно. Од друга страна, пак, повеќето вирџини кои останале на родниот праг, сепак биле почитувани од средината во која живееле…
Солунскиот фестивал на документари го прикажа и филмот „Навални“ на Даниел Рохер, награден со „Оскар“ во 2023 година, а го чествува и меѓународно признатиот уметник Димитрис Папајоану, фрлајќи светлина врз разновидните аспекти на творецот кој истражува различни форми на уметност и изразување, редефинирање на границите и комуникацијата меѓу делото на уметноста и публиката.
На програмата е и документарниот филм со работен наслов „Bull’s Heart“ во режија на познатата грчка филмска режисерка Ева Стефани, во продукција на фондацијата Onassis Culture, кој ќе биде прикажан на специјална проекција. Во документарниот филм, Ева Стефани ја следи и снима европската турнеја на сценската претстава „Transverse Orientation“ на Димитрис Папајоану.
Кога сме кај домашните автори, тие на годинешното издание се застапени со 67 долгометражни и краткометражни документари филмови, што доволно говори за виталноста на грчката филмска (документарна) сцена. И овој фестивал на документарни филмови се изнедри од пославниот Интернационален филмски фестивал во 1999 година, благодарејќи на визијата на неговиот зачетник и прв директор, покојниот Димитрис Еипидес. Фестивалот од година в година програмски и содржински расте, а неговите организатори не ја пропуштаат приликата да му одадат почит на креативниот Еипидес.
С. Синадинов