Македонија оди во изолација додека другите земји кандидатки напредуваат кон Европската Унија, оцени претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека нема капацитет да изгради државна стратегија за членство во ЕУ.
Филипче изјави дека иднината на државата и на граѓаните е ставена во заложништво поради личната немоќ на Мицкоски да се справи со прашањето за европската интеграција.
Според него, државата е заложник на некапацитетот на премиерот да изгради јасен план за членство во Европската Унија, но и на ветувањата со кои ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт.
Тој оцени дека политиките на Владата ја водат Македонија кон очигледна политичка и економска изолација.
Филипче посочи дека во период кога постои силна поддршка за проширување на Европската Унија и кога европските институции испраќаат пораки дека вратите се отворени за земјите кандидатки, Македонија останува на страна.
Тој се повика на последната посета на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која, според него, јасно побарала Македонија да се изјасни дали останува на европскиот пат.
Филипче оцени дека поради политиките на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ земјата повеќе не се движи во таа насока.
Наместо да ги спроведува реформите и да напредува кон Европската Унија во момент кога можностите за проширување се поголеми од претходно, Македонија, според лидерот на СДСМ, останува надвор од главните европски процеси.
Тој предупреди дека државата останува изложена на влијание од земји што немаат интерес Македонија и регионот да се интегрираат во Европа.
Филипче оцени дека со застојот во европските интеграции земјата се оддалечува и од финансиските и економските можности што Европската Унија им ги обезбедува на државите што спроведуваат реформи.
Како пример ја наведе Црна Гора, за која во следниот седумгодишен буџет на Европската Унија, според неговите тврдења, се предвидени повеќе од три милијарди евра неповратни средства.
Наспроти тоа, тој ја обвини Владата дека ја задолжува Македонија со милијарди евра од извори за кои, како што рече, нема доволно информации за условите и каматите што ќе ги плаќаат следните генерации.
