Пеплосани лозја, изгорена вегетација и поцрнета земја останаа зад големиот пожар во атарот на велешкото село Карласлари.

Фотографиите на екипата на Рацин.мк од терен ја покажуваат силината на огнената стихија и штетата што ја претрпеле лозовите насади. Пламените јазици поминале низ земјоделските површини, оставајќи зад себе изгорени лозја во кои сопствениците вложувале труд со години.

Пожарот избувна денеска во околината на Велес и за кратко време зафати поголема површина. Според првичните информации, огнот се движеи во правец на населени места, поради што постои опасност да бидат загрозени и куќи.

На терен биле ангажирани противпожарни екипи, кои работеле на локализирање на пожарот и спречување на неговото понатамошно ширење. Надлежните упатиле апел до граѓаните да не се приближуваат до зафатеното подрачје и да ги почитуваат насоките на екипите што интервенираат.
