Фрчкоски бара Обвинителството да ги провери договорите со МГ Проект и МБМ Архитекти

Според Фрчкоски, по претходно објавените сомнежи за тендери вредни над 100 милиони евра, сега се отвора нов дел од истата приказна – кој ги надгледува и проектира работите што ги добиваат, како што рече, „омилените фирми-тендераши на власта“.

Тој наведе дека три компании -„Ленди Груп“, „Пирамид билдинг солушнс“ и „Масев/Мастеф“ -добивале милионски договори во повеќе институции и општини, додека надзорот и проектантските услуги, според неговите тврдења, често биле поврзани со „МГ Проект“ и „МБМ Архитекти“.

Како примери ги посочи Општина Кисела Вода и Општина Илинден, каде што, според него, изведувач била „Ленди Груп“, а надзорот го вршела „МГ Проект“. Во општините Аеродром и Гази Баба, пак, каде што работела „Пирамид билдинг солушнс“, Фрчкоски тврди дека надзорните договори ги добивала „МБМ Архитекти“.

Од СДСМ тврдат дека „МГ Проект“ во изминатите две години склучила договори во вредност од 2,4 милиони евра, додека „МБМ Архитекти“ реализирала договори од 2,9 милиони евра. Според нивните пресметки, станува збор за раст од 288,65 проценти од 2024 година наваму.

Фрчкоски побара Обвинителството да ги провери сите наводи, договори и постапки, како и да утврди дали постои одговорност кај институциите и фирмите вклучени во проектите.

Од СДСМ најавуваат дека ќе продолжат да бараат испитување на јавните набавки, со образложение дека станува збор за пари на граѓаните и за проекти што мора да бидат транспарентни, законски и подложни на јавна контрола.

Засега нема официјален став од институциите или од посочените фирми за обвинувањата изнесени од Фрчкоски.

Најчитано