Гаши од Љубљана побара пофер пристап за Балканот кон ЕУ

Претседателот на Собранието Африм Гаши побара Европската Унија да го задржи принципот на проширување врз основа на заслуги, но предупреди дека исти стандарди мора да значат и ист третман за земјите од Западен Балкан. Пораката ја упати на меѓународната конференција „Западен Балкан во вртлогот на новата геополитика на безбедноста“ во Љубљана.

Гаши оцени дека земјите од регионот во многу аспекти се подобро подготвени од дел од државите што се приклучиле на Европската Унија во претходните бранови на проширување. Според него, таа реалност треба да се препознае во политичкото одлучување и да се преточи во пофер пристап кон кандидатите од регионот.

Во обраќањето тој порача дека Западен Балкан не треба да се третира како периферија што треба да остане во чекална, туку како дел од Европа што треба да се комплетира. Гаши изрази став дека похрабар пристап би бил интеграција на сите шест земји од Западен Балкан како заеднички пакет.

Според него, побрзото членство би помогнало во консолидација на демократските стандарди, зајакнување на владеењето на правото и надминување на билатералните прашања што во моментов го забавуваат пристапниот процес. Тој оцени дека европската интеграција историски била еден од најсилните инструменти за помирување и стабилност.

Гаши предупреди дека регионот и Европската Унија се соочуваат со двоен предизвик: замор од проширување во рамките на Унијата и замор од стагнација кај земјите-кандидати. Таквиот јаз во кредибилитетот, според него, ризикува да создаде „постојана чекална“, што ги обесхрабрува реформите и ја поткопува довербата на граѓаните во европскиот проект.

Во тој контекст, тој го отвори прашањето дали Европската Унија навистина сака проширување и колкава е реалната политичка волја кај земјите-членки. Гаши порача дека проширувањето е договор за доверба што бара одговорност и храброст од двете страни.

Конференцијата во Љубљана се одржува во рамки на „Третиот меѓународен состанок на пријателите на Западен Балкан“, организиран од Nizami Ganjavi International Center. Најавената програма опфаќа дискусии за новата безбедносна геополитика, статусот на проширувањето, политичката и економската состојба во шесте земји-кандидати и улогата на регионот во европската стабилност.

Пораката на Гаши доаѓа во период кога ЕУ го спроведува Планот за раст за Западен Балкан, со цел поблиска интеграција на регионот во единствениот пазар, забрзување на реформите и зголемена финансиска поддршка преку инструмент од 6 милијарди евра за периодот 2024–2027 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен