Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: „Демони“ на НТ-Битола, концерт и двоен винил на ПМГ Колектив, чешките филмови на Форман, „Консултант“ со Кристоф Волц

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме по едно дело од музиката, театарот, телевизијата и филмот. Гледајте, слушајте, читајте…

Музика: Концертна промоција на двојното винил издание „Најголемите Хитови“ на ПМГ Колектив во МКЦ

ПМГ Колектив е веројатно најпродуктивниот македонски музички состав од почетокот на овој век. Девет студиски албуми, четири компилации, неколку пати музика за филм и театар, неброено синглови, ремикси, обработки. Импозантна дискографија која деновиве е збогатена со двојното винил издание под име “Најголемите Хитови“, кое може да се набави и дигитално на нивната бенд-кемп страна на интернет: (https://pmgrecordingsk.bandcamp.com/album/pmg-kolektiv-greatest-hits-pmgr205)

Една од главните карактеристики на ПМГ Колектив е способноста да напишат песна која ќе го задржи и насочи вниманието на публиката. Тоа се тие хитови: Скопјанка, Манекенки, 80Ти, 90Ти, Ти си мојот Свет, Луѓе од Градови… само некои од песните кои маѓепсаа неколку генерации и неповратно се втиснаа во современиот урбан скопски (и македонски) фолклор.

Деновиве излезе и најновата верзија на легендарната Скопјанка, цели дваесет години подоцна и уште првиот ден предизвика бура позитивни реакции на социјалните мрежи (https://www.youtube.com/watch?v=IYPSLaCrlOo).

Промотивниот концерт бендот ќе го отсвири во проширена форма и вистинска современа музичка атракција, под името ПМГ КОЛЕКТИВ ОРКЕСТАР: Синиша Евтимов – гитара, Александар Гавровски – бас, Мирко Попов – вокал/машина, Владан Дробицки – тромбон, Марија Каева – вокал/синтисајзер, Дино Милосављевиќ – тапани, Васко Бојаџиски – саксофон, Павел Дробицки – бас. Вистински музички дрим тим кој гарантира врвно музичко искуство.

Терминот за концертот е сабота, на 8-ми април, во Младински културен центар (Денсинг сала), Скопје, со почеток од 21 часот. Атмосферата ќе ја загрее извонредниот дебитант на македонската музичка сцена, фантастичниот Аудиоцигла.

Препорачани песни за загревање пред концертот:

https://www.youtube.com/watch?v=IYPSLaCrlOo

PMG Kolektiv – Skopjanka 2023 [PMGR208] | PMGRecordings (bandcamp.com)

https://www.youtube.com/watch?v=izGWUnEXjZQ

https://www.youtube.com/watch?v=P_xIwUz39ek

Театар: „Демони“ на НТ-Битола

Ако сакате да почуствувате вистински емоционален ролеркостер, тогаш претставата „Демони“ по текст на шведскиот писател Ларс Норен, во режија на Васил Христов, со актерите од Народен театар-Битола е вистинскиот избор.

Замислете четири ликови, поделени во два брачни парови, кои на почетокот на претставата се скандинавски воздржани, а на крајот, по речиси два часа интензивна драма,буквално распаднати од најжестоките емоционални соголувања и согорувања. Катарина (Илина Чоревска) и Френк (Огнен Дранговски) е едниот брачен пар, а Јена (Марија Стефановска) и Томас (Здравко Стојмиров) вториот во интимната модерна анти-бајка на шведскиот писател Ларс Норен, во режија на Васил Христов.

Во „Демони“ тие две брачни двојки живеат во иста зграда, во станови еден над друг, се познаваат површно, поздравувајќи се кога ќе се сретнат во заедничките простории. Во еден момент, случајно или не, добиваат прилика да се запознаат поблиску. Навидум се сосема различни: Катарина и Френк делуваат како партнери во либерална врска, Јена и Томас како конзервативни сопружници-родители на две деца.

Втората двојка живее навидум здодевен семеен живот, со грижа околу децата и вообичаените работни обврски. Моментот кога Јена ќе стане предмет на страста на сексуалниот предатор Френк го означува влезот во емоционалните утроби на ликовите. Вообичаените брачни/партнерски приговори за неверство или студенило во врската се удвојуваат, а потоа се мултиплицираат: неверството е покритие за сексуалната импотетност, а таа за латентниот хомосексуализам; љубомората за безусловна страст, а таа дури и за убиство од љубов. Има уште од тој репертоар, бидејќи списокот на внатрешните човекови демони изгледа е неисцрпен…

Поставката на „Демони“ во Народен театар-Битола, напишана во 1982 година, е прва изведба на македонската театарска сцена (февруари 2022) на оваа драма на „новиот Аугуст Стринберг“, како светската театарска критика го нарекува неодамна починатиот Норен (Стокхолм 1944 – 2021).

„Демони“ импонира со жестокиот ритам во режијата на Христов и играта на актерите. Чоревска, Дранговски, Стефановска и Стојмиров се како актерски „боксери“ кои го цедат секој атом од нивните улоги, но, во физичка смисла, и од нивните тела. Тој и таков ритам на сцената е своевиден печат и во претходните поставки на Васил Христов на македонските театарски сцени. „Мара Сад“ од Питер Вајс и „Темпирана опера“ по негова драматизација, потоа поставките понов датум на независниот театар „Вондерленд театар“ – Скопје, чијшто коосновач е Христов („Девојката и смртта“ од Ариел Дорфман  и „Класен непријател“ од Најџел Вилијамс) се само дел од неговиот препознатлив опус создаван изминативе три децении.

Преводот од англиски на македонски јазик на „Демони“ е на Снежана Плушковска, сценографијата ја подготви Валентин Светозарев, а костимите Андреј Ѓоргиевски.  

Претставата „Демони“ е на репертоарот на НТ Битола на 11 април (вторник), со почеток од 20:00 ч.

Филм: Чешките наслови на Милош Форман

Три наслови од раното творештво на Милош Форман (Miloš Forman), во рамките на Ретроспективата на неговите филмови во Кинотеката.

ЦРН ПЕТАР (Černý Petr / Black Peter) од 1964, 85 мин., црно-бел, снимен по сценарио на Форман и Јарослав Папушек ( Jaroslav Papousek), со Ладислав Јаким, Павла Мартинкова, Јан Вострчил, Владимир Пухолт, Павел Седлачек (Ladislav Jakim, Pavla Martinkova, Jan Vostrcil, Vladimír Pucholt, Pavel Sedlacek) во главните улоги.

Петар е младо момче кое се бори со монотонијата на неговото работно место со скратено работно време во супермаркет, додека сака да излезе и да ужива во летото. Во текот на неколку дена искуствата на Петар со работата, љубовта и семејството се обединуваат додека тој се среќава и комуницира со повеќе ликови…

Филмот кој е снимен во манир на документарец – кинематографер е Јан Немечек (Jan Nemecek), уште еден мајстор во плејадата на фантастичните чешки сниматели – спаѓа во пионерските наслови на познатата „чешка школа“ од шеесеттите години на минатиот век. Форман во ЦРН ПЕТАР ангажира натуршчици како италијанските неореалисти

Проекцијата е на 7 април (петок), 20:00 ч.

ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА (Lásky jedné plavovlásky / A Blonde in Love) од 1965, 88 мин., црно-бел, по сценарио на Форман, Папушек, Иван Пасер, Вацлав Сашек (Ivan Passer, Václav Sasek), сом Хана Брејхова, Владимир Пухолт, Владимир Меншик, Иван Кил, Јиржи Хруби (Hana Brejchová, Vladimír Pucholt, Vladimír Mensik, Ivan Kheil, Jirí Hrubý) во главните улоги.

Портрет на сонувачи од мали градови и како нивните идеализирани гледишта на реалниот свет може да бидат урнати од нечувствителната рака на животот. Андула е млада романтична девојка од мал индустриски град, работи во фабрика, свири на гитара и сонува за некој подобар живот. Во нејзината фабрика, и воопшто во гратчето, жените се во многу поголем број. Андула има кратки љубовни авантури со оженет ловец и со момче од соседството. Кусокот од мажи се решава и со организирано носење воени резервисти на локалната забава, на која Андула ќе се запознае со Милда, убав и атрактивен музичар од Прага….

ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА беше номиниран за „Оскар“ и „Златен глобус“ како најдобар странски филм. Форман во неговиот прв поголем интернационален успех ги собира колегите кои подоцна се препознаени како „крем“ на чешкиот нов бран – режисерот и сценарист Иван Пасер, кинематограферот Мирослав Ондричек (Miroslav Ondríček) – кои подоцна ќе го следат и во американскиот период од неговото творештво.

Проекцијата е на 8 април (сабота), 20:00 ч.

ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ (Horí, má panenko / The Firemen’s Ball) од 1967, 73 мин., колор, по сценарио на Форман, Папушек, Пасер, Сашек, со Јан Штекл, Јан Вострчил, Јозеф Себанек, Јозеф Валноха, Јозеф Колб (Jan Stöckl, Jan Vostrcil, Josef Sebanek, Josef Valnoha, Josef Kolb) во главните улоги.

Приказната на филмот се одвива еден сосем обичен ден во мало гратче каде што членовите на локалното доброволно противпожарно друштво организираат забава во чест на нивниот командир кој заминува во пензија. На забавата има нагтради, лотарија и избор на убавици, но се случуваат и ситни инциденти, кои ќе прераснат во вистинска катастрофа.

Тортата и другите награди од томболата ќе бидат украдени, транспарентот со испишаната парола ќе се запали, еден од присутните ќе падне од скалите, а некои од девојките кои треба да учествуваат во изборот на убавицата нема ни да дојдат. Згора на тоа, во соседството ќе избие пожар, а токму пожарникарите ќе бидат неподготвени да го изгаснат…

Филмот освоил номинација за „Оскар“ како најдобар странски филм.

Проекцијата е на 12 април (среда), 20:00 ч.

ТВ серија:

ТВ серија: „Консултант“

Кристоф Валц (Christoph Waltz) во серијата „Консултант“ (The Consultantе) е кошмар за секој корпоративен службеник во ерата на пандемијата. Вака гласи најавата на новата ТВ серија со актерот кој ја стекна светската слава со филмовите на Квентин Тарантино („Неславни копилиња“ и „Разузданиот Џанго“), а потоа и главниот негативец во „Не е време за умирање“ од серијалот за Џемс Бонд.

Сторијата е сместена во компанијата CompWare, чија дејност е дизајнирање и продажба на видеоигри за мобилни телефони. Новоангажираниот консултант Регус Патоф (Волц), кој треба да го унапреди работењето во компанијата, каде вработените се соочуваат со нови барања и предизвици кои ставаат сè на коцка, вклучително и нивните животи, по неразјаснетата смрт на авторот на игрите Санг Ву. Кој е Патоф? Зошто за него нема никакви дигитални „отпечатоци“ на интернет, туку е како човек-дух?

Во актерската екипа се и Нет Волф како Крег, Британи О’Грејди како Елејн и Ејми Кареро како Пети.

ТВ серијата од 8 епизоди е снимена според истоимениот роман на Бентли Литл (Bentley Little), автор од хорор жанрот. Во манир на жанровски „кросроуд“, „Консултант“ од страна на критичарите е опишувана како средба на Мајкл Скот (Michael Scott) од „Канцеларијата“ (The Office) со Џокер.

„Слично како кловновскиот принц на злосторството, и Патоф е подготвен да му подари нов вид бизмнисмен на деловниот свет, да ја зголеми продуктивноста и да ги елиминира конкурентите. И сето тоа без никаква плата или награда?… Слично како и Џокер на Хит Леџер, и минатото на Патоф е обвиено со тајни, па гледачите добиваат само трошки. А бидејќи секој Џокер мора да има свој Бетмен, во таа улога се појавуваат Елејн и Крег, кои по секоја цена сакаат да го разоткријат патоф и да му покажат на светот дека тој не е каков што се се претставува. Ги запоставуваат нивните приватни животи и се впуштаат во опасната игра на мачка и глушец, не знаејќи какви одговори ќе најдат, ако воопшто најдат…“, се вели меѓу другото во еден осврт на „Консултант“.

Избрал: С. Синадинов

Треба да знаете
Moже да ве интересира