Голем хакерски напад во Британија, украдени податоци од образовниот систем

Голем хакерски напад во Британија го погоди англиското Министерство за образование, при што биле украдени околу 607.000 записи со контактни податоци на поединци и организации поврзани со образовниот систем. Меѓу изложените информации има телефонски броеви и електронски адреси.

Нападот ги зафатил порталот на програмата „Тјуринг“, преку која се финансираат меѓународни образовни престои, како и интернет-системот за корисничка поддршка на Министерството. Инцидентот бил откриен и запрен, а погодените платформи привремено биле исклучени.

Од Министерството нагласуваат дека бројката од 607.000 се однесува на записи, а не на ист број луѓе. Според досегашната истрага, хакерите не добиле пристап до банкарски податоци или други почувствителни информации, поради што директниот ризик за корисниците се оценува како низок.

Сепак, украдените имиња, телефонски броеви и адреси можат да се користат за лажни електронски пораки, телефонски измами и обиди за извлекување дополнителни податоци. Затоа се очекува училиштата, универзитетите и службениците да бидат предупредени да внимаваат на неочекувана комуникација.

Министерството соработува со британскиот Национален центар за сајбер-безбедност, Националната агенција за борба против криминалот и Комесаријатот за информации. Истрагата треба да утврди како напаѓачите влегле во системите и дали објавената бројка го претставува целосниот обем на пробивот.

Од британските власти најавуваат дека погодените системи треба повторно да бидат ставени во функција до крајот на неделата.

Најчитано