Гори низ цела Македонија

Во текот на изминатото деноноќие низ Македонија биле регистрирани 29 пожари на отворен простор. До 7:30 часот утрово 27 биле изгаснати, додека активни остануваат пожарите во Кавадаречко и на депонијата под Маркови Кули во Прилеп, соопшти Центарот за управување со кризи.

Во Кавадаречко сè уште гори нискостеблеста шума и ниска вегетација на потегот меѓу селата Раец и Ќесендре. Пожарникарите и другите ангажирани екипи работеа во текот на целата ноќ, по што интензитетот на пожарот беше намален, но на терен и натаму има активни жаришта.

Во Прилеп активен е пожарот на дивата депонија кај месноста Теке, на улицата „Дебарска“, под Маркови Кули. Другите три правци на кои претходно се ширеше огнот се изгаснати.

Пожари во изминатото деноноќие имало во речиси сите делови од земјата. Во Скопскиот Регион гореле ниска вегетација и отпад во Бутел, Визбегово, Долно Лисиче, Бојане и Сопиште. Сите овие пожари се изгаснати.

Во Пелагонискиот Регион било интервенирано кај битолското село Крклино, на депонијата кај Магленци во Новаци и кај крушевското село Јакреново. Пожари биле пријавени и на депонии во Буково кај Охрид, како и на стрниште и плевна во Зајас кај Кичево.

Огнот зафатил ниска вегетација и земјоделски површини и кај Василево, Струга, Македонски Брод, Велес, Росоман, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Брвеница, Јегуновце, Тетово, Теарце и Карбинци. Кај кумановското село Романовце пожарникарите трипати интервенирале на истото место во различни часови.

На повеќето локации гореле сува трева, стрништа, ниска вегетација, отпад и диви депонии. Високите температури и сувата вегетација го зголемуваат ризикот од брзо ширење и повторно активирање на изгаснатите жаришта.

Граѓаните се повикуваат да не палат оган на отворено, да не фрлаат догорчиња и запалив отпад и секој забележан пожар веднаш да го пријават на единствениот број за итни случаи 112.

Најчитано