Серија земјотреси денеска ја вознемири Грција, откако во период од околу десет минути беа регистрирани неколку силни потреси во подрачјето на северниот Залив на Евија. Најсилниот земјотрес бил со магнитуда од околу 5,2 степени, а тресењето било почувствувано и во делови од Атина.
Според првичните податоци што ги пренесуваат медиумите, серијата почнала со потрес од 4,8 степени, по што следувале нови удари од 4,3, 5,2 и околу 5 степени. Сите биле регистрирани во истото пошироко подрачје, северно од грчката престолнина, на релативно мала длабочина, поради што биле силно почувствувани на површината.
Епицентарот на најсилниот потрес бил во близина на Прокопи на островот Евија, со длабочина од околу 14 километри, според податоците што се повикуваат на Геодинамичкиот институт во Атина. Грчките медиуми јавуваат дека по главните потреси следувале повеќе послаби земјотреси, со магнитуди од околу 2,7 до 3,6 степени.
Засега нема информации за повредени лица или поголеми материјални штети. Сепак, градоначалникот на Мантуди соопштил дека на неколку места на локалната патна мрежа се пријавени одрони, по што надлежните служби почнале проверки на терен.
Потресите биле почувствувани и во Атина, каде жители од повеќе населби пријавиле повторени вибрации. Иако не се јавува за штети во главниот град, грчките сеизмолози најавија дека внимателно ќе ја следат состојбата во следните 48 часа за да се утврди дали станува збор за изолирана серија или за активност што може да продолжи со посилни последователни потреси.
Грција е една од најсеизмички активните земји во Европа, а Евија и поширокиот регион околу Егејското Море често се подложни на потреси. Затоа ваквите серии не се невообичаени, но кога повеќе земјотреси со магнитуда околу 5 степени се случуваат во кус временски интервал, јавноста и институциите остануваат во зголемена готовност.
