Во обид да го запре растечкиот одлив на мозоци, Португалија планира да стане даночен рај за младите, односно да им понуди даночни олеснувања на оние кои ја започнуваат својата кариера, пренес.
Имено, португалската влада од десниот центар сака да го намали даночното оптоварување на приходите на младите за период од 10 години, вклучувајќи ја и првата година во која младите не би платиле никаков данок.
Лидерите на земјата се надеваат дека овој потег би можел да го спречи егзодусот на млади работници кои ја напуштаат една од најсиромашните економии во Западна Европа во потрага по подобро платени работни места во странство.
Но, поддршката на социјалистите од опозицијата не е загарантирана бидејќи не се согласуваат предложените мерки.
Марина Коста Лобо од Португалскиот институт за општествени науки го оцени преговарачкиот пристап на премиерот како прагматичен и предупреди дека отфрлањето на предлогот може негативно да влијае на угледот на социјалистите.
Од друга страна Министерството за финансии предупреди дека намалувањето на даночните приходи оди во спротивна насока од потребата на Португалија да го исплати националниот долг и да финансира поголеми јавни инвестиции. Португалската влада проценува дека даночните олеснувања за младите ќе ја чинат земјата околу 650 милиони евра годишно.
Долги години Португалија се соочува со висока стапка на емиграција, при што бројот на Португалци кои живеат во странство речиси изнесува една четвртина од населението во земјата. Помеѓу 2008 и 2023 година, 361.000 луѓе на возраст од 15 до 35 години ја напуштиле земјата, што е две третини од сите емигранти во тој период, покажуваат податоците на државниот завод за статистика.
И покрај одливот, популацијата на Португалија продолжи да расте, делумно поради тоа што привлече мигранти од други земји со златна визна програма и даночни олеснувања за богатите иселеници кои постепено се укинуваат.
Новите даночни олеснувања за млади ќе бидат достапни и за странските државјани кои имигрираат во земјата. Инаку, работник во Португалија кој заработува просечна годишна плата од околу 20.000 евра во моментов плаќа највисока даночна стапка од 26 отсто. Секој што заработува меѓу 21.000 и 27.000 евра плаќа највисока стапка од 32,75 отсто.