Истрагата за убиецот од Старо Нагоричане проширена со уште четири дела

Обвинителството ја проширило истрагата против 25-годишниот осомничен од Старо Нагоричане за уште две убиства и два обиди за убиство на жени. Со тоа, според досегашната истрага, случајот опфаќа вкупно четири убиства и два обиди за убиство.

Обвинителот Љубомир Лапе изјави дека станува збор за прв случај во Македонија во кој се води истрага за сериски убиец со елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и биле избирани поради полот.

Осомничениот, идентификуван со иницијали Т.Б., е од селото Малотино во општина Старо Нагоричане. Според информациите од истрагата, делата биле извршувани во ретко населени подрачја во кумановскиот регион.

Обвинителството соопшти дека психијатриското вештачење покажало оти осомничениот бил свесен за постапките и е кривично одговорен. Вештачењето било изработено од тројца експерти од Клиниката за психијатрија во Скопје.

Дел од случаите биле повторно отворени по ексхумации и дополнителни ДНК анализи. Според обвинителството, првичната истрага почнала со едно убиство, а потоа биле поврзани и други случаи со истиот осомничен.

Обвинителството најави дека по завршување на дополнителните вештачења и истражни дејства ќе биде поднесено обвинение.

Најчитано