Изложба „Илустрации од постземјотресната обнова на Скопје“ на Филип Конески

Изложбата „Илустрации од постземјотресната обнова на Скопје“ беше отворена во саботата (30 декември 2023 година), во новиот алтернативен културен центар Laboratorium, како дел од проектот „60 години од 5 и 17“.

Автор на изложбата сочинета од илустрации кои се започнати една декада наназад и разработувани во периодот до нејзиното отворање е архитектот Филип Конески.

Идејата за носачот на илустрациите е произлезена од постземјотресната архитектура на Скопје, каде армираниот бетон е главниот применет градежно конструктивен материјал, како и паралелата со уличната уметност каде бетонските ѕидови најчесто се користат како подлога за исцртување. Врзувајќи ги овие две точки на инспирација, Конески изработува 60 бетонски плочи со димензија 20/20cm на кои презентира два авторски и еден експериментален концепт на аплицирање илустрација.

Првиот концепт претставува дигитален цртеж, печатен директно на бетонските плочи, додека кај вториот илустрацијата е печатена на форекс, со цел да се издвои цртежот во посебен слој и да се наддаде на плочите. Во еден дел од изложбата се претставени и илустрации работени со примена на AI (вештачка интелегенција), без притоа да се дефинира позитивен или негативен став кон оваа алатка, туку едноставна експериментална примена.

Инспирацијата од постземјотресната архитектура на градот е бескрајна а со тоа се потврдува нејзината вредност како недвижно културно и градителско наследство кое го дефинира идентитетот на „Новото Скопје“.

Извор: МАРХ

Треба да знаете
Moже да ве интересира