Изложбата „Нова перспектива/„Трансформер“ на ликовните уметници Елизабета Тошевска и Анета Стојчевска вечер ќе биде отворена во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Како што информира МКЦ, се работи за заеднички проект на Елизабета Тошевска и Анета Стојчевска, во кој, секоја со свој уметнички израз и визуелна перцепција на уметничкото дело – скулптура, претставува нови поинакви трансформирани видувања на мотиви/форми/принципи користени низ историјата на уметноста.
Елизабета Тошевска ја истражува женската фигура и воопшто жената низ времето и не запознава со внатрешното длабокото – јас. Таа, како што се наведува, преку делата ни прикажува интимен разговор со себе, но во истовреме го провоцира и поттикнува набљудувачот на размислување за времето што непрекинато изминува покрај нас и како неосетно остава траги на нашата личност.
-Анета Стојчевска инспирана од ликовната уметница Рејчел Вајтрихт и нејзиниот принцип со користење на негативи, израборува макети од огледала на нов проектиран простор-просторија, ги умножува со мала видлива разлика во нивните големини, доближувајќи ги до производ од сериско производство. Покрај заедничкиот наслов дополнително е замислено користење на одделни наслови и поднаслови аплицирани-испишани кај фотографиите од скулптурите на Елизабета Тошевска и кај скиците плановите на Анета Стојчевска, поставени во простор визуелно физички одделен од просторот во кој би биле поставени: скулптурите и 3Д макетите од огледала, се наведува во соопштението.
Анета Стојчевска е родена 14.05.1983 година во Крива Паланка. Дипломирала во 2009 година на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, на педагошки оддел, отсек скулптура во класата на професор Станко Павлески. Досега учествувала на неколку колонии, групни изложби и реализирала повеќе самостојни изложби.
Елизабета Тошевска (Скопје ,1972) е дипломиран вајар на Ликовната академија во Штип кај професорот Слободан Милишески (2019). Таа била дел од десетина групни изложби во Скопје и низ цела држава.