Ја задавил сопругата, го сокрил телото и глумел дека ја бара: Детали за убиството во Таор

автопат

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 51-годишен маж осомничен дека ја убил својата 48-годишна сопруга, го сокрил нејзиното тело, а потоа пријавил дека таа исчезнала.

Според Обвинителството, убиството се случило на 25 јуни во атарот на селото Летевци. Осомничениот вечерта со автомобил ја зел жената од нејзиното работно место и ја однел на тешко пристапен терен, каде што физички ја нападнал.

Тој, како што се наведува, силно ја притиснал во пределот на вратот, а истовремено ѝ ги затворил устата и носот, оневозможувајќи ѝ да дише. Жената се обидела да се одбрани, но не успеала да се ослободи и починала на местото.

По убиството, осомничениот го сокрил нејзиното тело под гранки меѓу дрвјата. Следниот ден отишол во полиција и пријавил дека неговата сопруга исчезнала.

На 27 јуни, на тројца познаници им кажал дека знае каде се наоѓа жената, тврдејќи дека му се појавила во сон и му кажала каде треба да оди за да ја спаси.

Четворицата со автомобил се упатиле кон локацијата, каде што го забележале телото и повикале полиција.

Обвинителството оценува дека осомничениот се обидувал да создаде слика на загрижен сопруг кој активно учествува во потрагата, со цел да си обезбеди алиби и да го избегне кривичниот прогон.

Јавниот обвинител смета дека постои опасност осомничениот да побегне, да влијае врз сведоците или да го повтори кривичното дело. Како дополнителни околности се наведуваат тежината на делото, начинот на извршување, претходниот период на планирање и прикривањето на телото.

До судијата за претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување притвор.

Осомничениот се товари за убиство при вршење семејно насилство. Постапката е во истражна фаза и важи пресумпцијата на невиност до донесување правосилна судска пресуда.

Најчитано