„Кајмак“ на Манчевски ја освои 10. интернационална награда

Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски, ја заврши 2023 година со нова меѓународна награда – седма по ред за филмот, а вкупно десетта заедно со трите кои ги доби Манчевски во текот на изминатата година. „Кајмак“ беше прогласен за најдобар филм на фестивалот и-Фест во Палермо, Сицилија, кој заврши на 29 декември.

Филмот ја доби Меѓународната награда на Град Палермо, а куриозитет е дека таа е изработена од прославениот сицилијански керамичар Нино Парука, кој годинава одбележува пола век творештво, соопшти продуцентот „Банана филм“.

Фестивалот му оддаде и почит на Манчевски, со почесна проекција на неговиот легендарен филм „Пред дождот“, добитник на Златен лав во Венеција и на номинација за Оскар, како и со мастерклас што режисерот го одржа во Палермо.

„Му се радувам на ‘Кајмак’ оти се покажа дека е едно жилаво филмче. На здравје и за многу години“, изјави Манчевски. 

„Кајмак“ новата 2024 година ја стартува наскоро во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина.

„Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, и ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022 г. Потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија, итн.

„Кајмак” е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска,  Хрватска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

Треба да знаете
Moже да ве интересира