Кина покажа како зграда може да никне за пет дена

Во време кога изградбата на една станбена зграда најчесто трае со месеци, а понекогаш и со години, кинеска компанија покажа колку радикално може да се промени градежништвото со модуларна технологија. Во округот Сјангјин, во провинцијата Хунан, Broad Group Holon изгради станбена зграда од 26 ката за само пет дена.

Објектот, познат како Jingdu Holon Building, има околу 14.000 квадратни метри и 208 станови. Работите се одвивале од 7 до 11 јануари 2024 година, а во процесот учествувале нешто повеќе од 100 работници. Но, тајната не е во класично брзо ѕидање, туку во тоа што становите однапред биле произведени во фабрика како готови модули.

Секој модул бил долг 12 метри, висок три и широк 2,4 метри, со веќе поставени електрични инсталации и дел од системите за климатизација. На градилиштето тие само се ределе еден врз друг, како големи градежни блокови, а потоа се поврзувале водоводот, струјата и другите системи.

Ова не е прв ваков потег на Broad Group. Во 2021 година компанијата изгради зграда од 11 ката во Чангша за 28 часа и 45 минути, што тогаш стана светска сензација. Новиот проект од 26 ката само ја зацврсти идејата дека иднината на дел од урбаната градба може да биде поблиску до фабрика отколку до традиционално градилиште.

Компанијата тврди дека конструкцијата од нерѓосувачки челик е поотпорна на земјотреси и дека системот нуди подобра енергетска ефикасност. Таквите тврдења допрва треба да се проверуваат низ времето, но примерот од Кина веќе ја отвора големата дилема во градежништвото: дали висококатниците во иднина ќе се градат на лице место или ќе се склопуваат како производ што претходно излегол од фабрика.

Најчитано