Клековски: Анализата за водата во Гостивар ќе биде објавена до 20 август

Клековски

Анализата за состојбата со водата за пиење во Гостивар ќе биде објавена најдоцна до 20 август, најави синоќа министерот за здравство Сашо Клековски.

Клековски во гостување на телевизија „Канал 5“ изјави дека епидемиолошката состојба во градот постепено се стабилизира и дека бројот на пациенти кои првпат се јавуваат со стомачни проблеми е намален.

„Во основа сега излегуваме од акутната фаза, веќе можам да кажам дека сме влезени во нормален период. Бројот на првојавени пациенти се движеше од 40 до 80 овие неколку дена“, рече Клековски.

Тој посочи дека во периодот пред појавата на епидемијата во Гостивар дневно биле регистрирани меѓу 25 и 100 пациенти со дијареја и повраќање. Епидемијата, сепак, нема официјално да биде завршена додека не се отстрани сомнежот дека новите случаи се поврзани со водата за пиење.

Според министерот, епидемиолозите од Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје продолжуваат да ги анализираат пријавите за заразни болести и податоците од епидемиолошките анкети.

Клековски информираше дека експертски тим од Министерството за здравство подготвува анализа со целосна хронологија на настаните. Во неа треба да бидат вклучени и податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за управување со кризи.

„Сакаме хронологијата да ја споделиме со другите надлежни институции, во овој случај Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за управување со кризи, за тие да ја дополнат и потоа ќе ја објавиме“, рече Клековски.

Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна беше воведена на 17 јули поради сомнение дека водата е загадена и небезбедна. До официјалното укинување на забраната, Институтот за јавно здравје препорачува граѓаните да користат флаширана вода

Најчитано