Конечно малку олеснување, ова се новите цени на горивата

Возачите од полноќ конечно ќе почувствуваат позначително олеснување на бензинските пумпи. Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука со која дизелот поевтинува за осум денари за литар, а двата бензини за по четири денари.

Со новата пресметка, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по најмногу 87 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 по 89 денари. ЕУРОДИЗЕЛот, кој досега чинеше 99,50 денари, паѓа на 91,50 денари за литар.

Поевтинува и екстра лесното масло за домаќинство. Неговата цена се намалува од 98,50 на 92,50 денари за литар. Мазутот ќе се продава по најмногу 43,538 денари за килограм.

Новите цени ќе почнат да важат од 00:01 часот на 11 август. РКЕ пресметала дека во просек малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат за 5,81 проценти во однос на цените утврдени на 4 август.

Поголемото поевтинување доаѓа по падот на референтните цени на светските пазари. Во однос на претходната пресметка, бензините на меѓународниот пазар поевтиниле во просек за 6,186 проценти, а дизелот за дури 10,435 проценти. Пад има и кај екстра лесното масло и мазутот.

Во корист на пониските домашни цени се движел и курсот на доларот. Просечниот курс во пресметковниот период изнесувал 53,398 денари за долар, што е за околу еден процент пониско во однос на курсот користен во претходната пресметка.

Само пред една недела ЕУРОСУПЕР БС-95 чинеше 91 денар, БС-98 93 денари, а дизелот 99,50 денари за литар. Новата одлука затоа носи најголемо олеснување за возачите на дизел-возила, кои од полноќ ќе плаќаат осум денари помалку за секој литар гориво.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?