Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски му ја предаде премиерската функција на Џафери

Со примопредавање на функцијата помеѓу досегашниот премиер Димитар Ковачевски и претседателот на новата преодна Влада, Талат Џафери, од денеска почнува првиот работен ден на техничката влада задолжена за спроведување на парламентарните избори.

„Денес, го реализиравме примопредавањето на функцијата претседател на Владата на РСМ во согласност со законските обврски за организирање техничка влада, чија основна задача е да организира и спроведе слободни, демократски и фер претседателски и парламентарни избори. Сите почнати политики треба целосно и континуирано да се реализираат. Очекувам посветеност во работата, концентрација на сите во Владата и во оваа насока сметам дека работата ќе биде на највисоко ниво“, порача Ковачевски.

Тој апелираше до сите политички субјекти што од денеска ќе бидат во Владата да го имаат во предвид целиот актуелен контекст.

„Повикувам Владата и сите во неа, без разлика на партиската припадност, да работат во интерес на граѓаните, на економијата, на безбедноста и на стабилноста. Владата успеа да воспостави систем што функционира во време на криза, политиките се поставени, мерките се јасни, очекувам сите да покажат јасна политичка волја за да се поддржат и одржат и економската и политичката стабилност и да се спроведат мирни, фер и демократски избори како што ѝ прилега на држава членка на НАТО и држава со почнати преговори со ЕУ“, истакна Ковачевски.

Според него, изминатите две години не биле воопшто лесни.

„Тие беа години на исклучително голема европска, па и светска економска и енергетска криза, но и покрај тоа, направивме многу и никого не го оставивме сам“, рече Ковачевски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира