Општина Чаир ги започнува постапките за изградба на „албанска библиотека“ над плоштадот „Скендербег“, изјави градоначалникот Изет Меџити на прес-конференцијата по повод затворањето на Саемот на албанската книга.
Според него, новата библиотека ќе биде современ простор наменет за ученици, студенти, истражувачи и сите граѓани, создавајќи нови можности за читање, учење, истражување и културен развој.
Ќе ја изградиме албанската библиотека. Ја започнуваме постапката за трансформација на просторот над плоштадот ‘Скендербег’ во современа библиотека, отворена за учениците, студентите и сите граѓани. Таа ќе биде дом на знаењето и културата во срцето на Чаир, изјави Меџити.
Меџити ја нарече иницијативата „проект од особено значење за културниот и образовниот развој на заедницата“.
Идејата куполите на плоштадот „Скендербег“ да бидат претворени во библиотека се промовираше за време на Саемот на албанската книгата – Скопје 2026, во организација на Општина Чаир и Институтот за книга и промоција од Тирана, што се одржа од 1 до 7 јуни.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, во обраќањето пред присутните на отворањето на манифестацијата, истакна дека саемот претставува значаен момент за афирмација на албанскиот јазик, културата и книгата во јавниот простор.
