Македонија со најбројна делегација досега на Медитеранските игри во Таранто

Македонија ќе настапи со најбројната делегација досега на претстојните Медитерански игри во Таранто, Италија, со повеќе од 120 членови, беше најавено на отворањето на изложбата „Where Mediterranean Waves Unite – XX Mediterranean Games Taranto 2026“ во Скопје.

Изложбата беше отворена во Espresso ST Café во East Gate Mall, во организација на Амбасадата на Италија во Скопје, Олимпискиот комитет на Македонија и здружението „Dobredojde“ Macedonia Welcome Centre.

Претседателот на Олимпискиот комитет, Даниел Димевски, се заблагодари за поддршката и за одличната соработка со Италијанската амбасада, нагласувајќи дека на овие Медитерански игри Македонија ќе има делегација со повеќе од 120 членови.

Тој посочи дека бројната делегација е потврда за развојот на македонскиот спорт, но и за амбицијата што поголем број спортисти да добијат можност да ја претставуваат земјата на големи меѓународни натпреварувања.

Амбасадорот на Италија ја потенцираше важноста на ваквите настани за поврзување на земјите преку спортот и изрази уверување дека Таранто ќе биде одличен домаќин на следните Медитерански игри.

Тој нагласи дека особено го радува фактот што Италија ќе биде организатор на игрите, како и можноста пред бројните претставници на спортската фела во Македонија да ги претстави убавините на својот роден град Таранто и на Италија.

Преку серија фотографии, посетителите можат да се запознаат со историјата на Медитеранските игри, градот домаќин и вредностите што ги промовира спортот – пријателството, почитта, солидарноста и фер-плејот.

На отворањето присуствуваа дипломати, претставници на спортските институции и националните спортски федерации, спортисти, новинари, како и македонските олимпијци Дарио Ивановски и Вероника Костовска.

Настанот помина во целосен дух на Медитеранските игри и со заедничка порака дека спортот е универзален јазик кој ги поврзува луѓето, ја зајакнува соработката и придонесува за градење мир и меѓусебна почит меѓу државите.

Организаторите оценија дека изложбата претставува уште една потврда на заложбите за промоција на олимписките вредности и за продлабочување на спортската и културната соработка меѓу Македонија и Италија.

Изложбата ќе биде отворена и достапна за пошироката јавност во текот на наредните денови.

Најчитано