Францускиот претседател Емануел Макрон упати апел до средношколците да ги намалат времето пред екрани и повеќе да се посветат на читање, предлагајќи воведување на „ден без екрани“ еднаш месечно, како и целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години.
„Ве оставивме во оваа дигитална џунгла и тоа ви го одзеде вниманието. Треба да забавиме и да ви помогнеме да станете одговорни возрасни и граѓани“, изјави Макрон, нагласувајќи ја потребата од појасни правила за користење на социјалните платформи.
Оваа иницијатива доаѓа во период кога сè повеќе европски земји размислуваат за слични ограничувања, следејќи го примерот на Австралија, која минатата година воведе забрана за користење социјални мрежи за деца. Загриженоста е насочена кон заштитата на здравјето, безбедноста и развојот на малолетниците.
Во Франција веќе е во парламентарна процедура нацрт-закон со кој се предвидува ваква забрана. Додека долниот дом ја поддржува целосната мерка, дел од сенаторите предлагаат ограничувањето да важи само за платформи што се оценуваат како штетни за децата, што може да го одложи стапувањето во сила на законот, планирано за почетокот на новата учебна година во септември.
Во меѓувреме, најмалку дванаесет европски земји, меѓу кои и Обединетото Кралство и Норвешка, веќе вовеле или разгледуваат законски решенија со кои се утврдува минимална возраст – најчесто меѓу 13 и 16 години – за користење социјални мрежи.
Паралелно, Европска унија работи на развој на апликација за верификација на возраста, која треба да помогне во спроведувањето на ваквите ограничувања.